Првиот час

Предлози за првиот час:

  • Бидете насмеани и ведри, поздравете ги учениците со радост и дајте им време да се адаптираат на новата средина.
  • Претставете им се, кажете некоја интересна работа за себе. Што сакате да јадете, каде сакате да патувате…
  • Запознавање: има низа игри за запознавање… Ако одделението доаѓа од одделенска (значи веќе пет години учеле заедно) учениците се знаат меѓусебе, па може да се примени играта: Претстави го твоето другарче: Се започнува со еден ученик кој избира друг за кого кажува неколку реченици во кои го претставува. Во претставувањето треба да каже убави зборови за својот соученик/ничка. Пр: Ана свири многу убаво на пијано. Таа игра и одбојка. Сака да се дружи со сите и секогаш ми помага кога ми треба помош…
  • Напишете на таблата листа со работ кои им се потребни за вашиот час
  • Јасно и едноставно објаснете им ја програмата. Што ќе учат и кои се очекувањата за тоа што ќе стекнат со тоа што ќе го научат.
  • Кажете им како ќе ги оценувате, кои работи се важни на часовите
  • Заедно направете правила кои ќе ги отпечатите или ќе ги запишете и ќе стојат цела година на ѕид во училницата. Еве идеја како да ги сработите:

Наставничката чита изјави, учениците од нејзините изјави треба да извлечат една или две реченици. Така ќе се реализира стандардот:

Слушање со разбирање: Резимира во 1-2 реченици (во пишана или усна форма) слушнат или прочитан текст од 5-6 реченици.

Многу ми е важно, за да може да тече часот непречено, кога зборувам учениците да ме слушаат внимателно и да постапуваат според насоките коишто им ги кажувам. Ако ме слушате внимателно ќе може да ме разберете што ви кажувам и ќе учите полесно.

1.Слушај внимателно што зборува наставничката и следи ги насоките! (можен одговор од учениците)

Сакам моите ученици да бидат искрени со мене и да ми ги кажуваат работите какви што се. Јас ќе најдам начин да им помогнам и да ги разберам. Сакам исто така да бидат одговорни и да ги завршуваат сите задачи.

2. Биди искрен/а

3. Биди одговорен/на! (можен одговор од учениците)

Моите ученици треба да ја сакаат училницата како да е нивниот дом. Да се грижат да биде чиста. Да не чкртаат по клупите, да не лепат мастики, да не оставаат под клупа ѓубре. Да ги фрлаат сите отпадоци во кантата за ѓубре.Во училницата има крпа и средство за чистење, секој може кога има потреба да го користи.

4. Грижи се училницата да биде чиста! (можен одговор од учениците)

Моите ученици сакам да бидат добри другари. Да се почитуваат меѓусебе и да се поддржуваат. Да нема насилство во училница ниту исмевање. Секој ученик да се чувствува пријатно во училницата.

5. Почитувај ги другите и помагај му на оној што му е потребна помош!

6. Не биди насилен/на! Не навредувај! (можен одговор од учениците)

За да има ред во училницата сите треба да седат на своето место. Ако некој сака да каже нешто, да седи во својата клупа и да крене рака, штом добие збор може да зборува.

7. Крени рака кога сакаш да кажеш нешто! (можен одговор од учениците)

Моите ученици сакам да бидат културни. Да не користат погрдни зборови. Она што сакам да го слушам е литературен јазик и употреба на убави, пријатни зборови.

8. Биди културен/културна, користи убави зборови! (можен одговор од учениците)

На интернет има најразлични постери со правила за час… учениците во Канва може подоцна направените правила да ги направат постер кој ќе го закачите во училницата.

Новогодишна претстава на драмската секција „Спасувањето на Дедо Мраз“

„Спасувањето на Дедо Мраз“ е новогодишна претстава која ја работиме од почетокот на школската година. Главната рамка на приказната е заробувањето на Дедо Мраз од една вештерка која не ја сака Нова година бидејќи никогаш не добила подарок. Таа не била на листата на добри деца и поради тоа Дедо Мраз неа не ѝ давал подароци. Таа сака сите шумски животни и сите деца од светот да се чувствуваат како неа. Никој да не добие подарок! Но, едно мудро девојче кое многу сака да чита книги, а и будно ги следи социјалните мрежи, открива (на Инстаграм) во профилот на Вештерката дека таа многу сака приказни. Ама не сака приказни каде што има вештерки оти тие таму секогаш губат. Таа сака басни – приказни за животни, оти таму нема вештерки. Ете така, шумските животни кои на почетокот од претставата се забавуваа со Дедо Мраз и играа на новогодишна музика, повикани од девојчето, на Вештерката ѝ раскажаа три басни: Лисицата и Гавранот, Зајакот и Желката и Волкот и Јарето. Вештерката се воодушеви од тоа што го виде и реши да стане добра. Го ослободи Дедо Мраз и му дозволи да им подели на сите добри дечиња подароци. Ама Дедо Мраз не ја остави ни Вештерката без подарок. За тоа што одлучи да биде добра, доби подарок и ветување дека ќе добива секоја година! На крајот, сите заедно играат на звуците на познатата „Ѕвончиња, ѕвончиња“.

Оваа приказна ги пренесе поуките за трезвена процена на ласкањата што ги добиваме, за многуте „лајкови“ и прегледи кои не значат ништо, за упорноста којашто треба да ја дадеме за да се оствари и тоа во што не веруваме дека можеме, за послушноста и држењето до ближните додека сме малечки и неискусни…

Учениците од драмската секција, којашто во оваа претстава броеше 14 ученици (тоа не е нашиот полн состав, нè има уште) се претстави пред четири одделенија во ООУ „Климент Охридски“ на часовите по македонски јазик. Тие беа гости кај своите помали соученици. Искуството беше непроценливо. Дечињата уживаа во тоа што го гледаа, а овие, „големите“ живееја да покажат што научиле.

Откако убаво се навежбавме со настапите по училниците кај одделенците, заминавме во градинката „Бизи Би – Монтесори“. Таму бевме топло пречекани од најубавата публика што можевме да ја замислиме. Дечињата не трепнаа цела претстава, а потоа нè опсипаа со прегратки и прашања.

Навистина, вреди човек да се вложи во еден ваков проект кој имаше буџет со еден минус пред бројот…

Како успеавме: Со волонтери 😊 како и секогаш: Голема благодарност за актерот Александар Тодески кој работеше со дел од учениците. Колегата по ликовно образование Влатко Николоски кој ни помогна со маската за желката, родителите на ученците кои се вклучија во изработките на маските. Некои шиеја (маската на Лисицата, на Јарето), печатеа (домашни печатачи во боја), позајмуваа… (од тетка ми, од братучед ми, има кај баба ми…) Колешката Наташа Колеска која редовно нè обезбедува со костимот за Дедо Мраз, но и со две убави елки-облекувалки, ученици-добронамерници, кои слушаат што ни треба, не се дел од драмска, ама сакаат да помогнат (Мила – наставничке имам четири обрачи, новогодишни се, со сенгулки со ѕвончиња, ќе ви ги донесам…) домашни работи, кукли, играчки… лепила, ножици, фломастери, креп трака (тоа е основен ресурс!)

И што имавме: имавме куклен театар направен од картонот од столицата што си ја купив минатото лето. Имавме кукли отпечатени, обоени од учениците, залепени на стапчиња за ражнич. Имавме три кукли-маскоти од Џамбо, позајмени од син ми Војдан, имавме маски отпечатени од интернет, залепени со лепило на картон, со ластик. Рециклирани стари костими од театарската претстава „Ние врапчињата“… и многу многу љубов и снаодливост. Зад секој костим стоеше тимска работа. (Зајакот: наставничке Иринеја ќе донеси обрач со ушиња, имам опавче, од волна, со безопасна ќе го закачиме за хеланките, Тамарта носи хеланки и блуза, ќе земи креон, за да се нацрта лицето… а морковче? Јована има од сестра ѝ пластични зеленчуци и овошје, а Гуски? Мајка ми наставничке ќе ни отпечати? Лепило имам јас, а картон, може од блоков, веќе ми е истрошен?… и така за сите костими и реквизити… 10 кеси полни со тимска работа.

И кога ќе го видиш конечниот производ, радоста е неизмерна!

Како мравки се, само дај им насока и сè ќе направат! Слушаат, впиваат и се даваат целосно! Во настапите во училиште имавме едно одделение со момче со аутизам. Моите ученици го положија тестот на инклузивноста. Додека траеше претставата ученикот љубопитно истражуваше што се случува. Тие глумеа и имаа интеракција со него. Тоа толку ја збогати претставата, така изгледаше прекрасно што јас бев воодушевена. Им требаше само еден поглед од нас трите: наставничките и образовната асистентка, дека е во ред, дека може да се движи слободно, дека само сака да види што се случува, да ѕирни зад куклениот театар, да провери дали нашите рачно изработени реквизити се навистина интересни како што изгледаат оддалеку… Моите ученици не го игнорираа момчето. Тие глумеа, фрлаа одобрувачки погледи, споделуваа од реквизитите со него и не паничеа дека претставата не оди стриктно како што е вежбана. Тие гледаа во неговите очи, глумеа и се адаптираа на ситуацијата, а јас, јас бев пресреќна што доживеав вистинска инклузија!

Ние не ги учиме овие деца само на наставната програма што ја изработуваме или ја препишуваме од колегите, ние овие деца ги водиме низ низа процеси кои многу често ги нарекуваме проекти, низ нив, многу години потоа, ќе дознаат дека научиле животни лекции!

Моите херои беа:

Вештерката: Сара Тошеска

Девојчето: Теодора Малкоска

Нараторки: Теодота Малкоска и Иринеја Мечева

Баба: Бојана Гаралоска

Гавранот: Душица Илиеска

Лисица: Илијана Јорданоска

Зајакот: Тамара Паскоска

Желката: Надица Миленкоска

Гуска 1: Јоана Талеска

Гуска 2: Марко Петрески

Ученици зад куклениот театар: Јоана Талеска и Марко Петрески

Јарето: Никита Николоски

Песот: Ивана Бошкоска

Волкот: Саша Бошков

Дедо Мраз: Миле Нешкоски

„Дневникот“ од Ана Франк – интегрирање наставни содржини во рамките на предметот македонски јазик

Интегрирањето на наставни содржини во рамките на ист предмет е нешто што сè повеќе ме привлекува. Навистина бара време и доста енергија, ама ефектот е голем и тој труд останува за идните генерации. Едно такво интегрирање на содржини од литература, изразување и творење: усно и писмено, се случи неодамна. Виновник за нашата училишна авантура е Zrinka Jurčević – моја драга колешка од Хрватска која ја запознав виртуелно во една наставничка група на Фејзбук. Ѝ пристапив отворено и ја замолив да ми го испрати материјалот што го користела за обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“. Претходно на групата бев воодушевена од досетливоста и од пристапот на нејзината работа. Таа веднаш, без да има потреба да се објаснувам дополнително, ми го испрати материјалот. Тој беше една муза која ме инспирира да создадам цел проект кој траеше седум наставни часа.

Со него ги покрив следните содржини:

цртеж од ученичка

Обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“ – три часа

Дебата на теми извлечени од исказите на Ана – еден час

Писмена вежба – подготовка за писмена инспирирана од изреки од Дневникот – еден час

Писмена работа – пишување есеј инспириран од Дневникот – еден час

Поим за дневник – еден час

Најпрво на учениците им дадов задачи додека ја читаат книгата. Често при обработка на лектира дел од учениците тврдат дека ја прочитале, а не знаат да одговорат на основни прашања поврзани со содржината или ликовите. Затоа го применив овој пристап и излезе дека е полезен. Фокусот на одговор на прашањата им помага да ја разберат содржината подобро.

1. Што е холокауст? Напиши ги изворите од кои го дозна тоа.

2. За својот тринаесетти роденден Ана доби подарок дневник. Што мислиш за тој подарок? Што би издвоил ти, како посебен подарок за твојот тринаесетти роденден.

3. Наведи три севременски, општи теми од Дневникот на Ана.

4. Во кој временски период е пишуван Дневникот?

5. Кој го пронашол Дневникот и каде?

6. Кој одлучил да го објави, каде и зошто е објавен?

Семејството Франк

7. Запиши накратко што знаеш за семејството Франк пред да дојде во Тајното скривалиште. (може да ти помогнат деновите: 20 јуни 1942 година и од 8 мај 1944)

Евреите во Втората светска војна

8. Што учиш за односот кон Евреите од дневникот на Ана? Поддржете со примери од текстот?

Запиши кои работи им биле забранети, наброј ги.

Тајно засолниште

9. Одговорете на прашањата.

а) Каде се наоѓа?

б) Кога семејството оди во засолништето?

в) Колку луѓе престојуваат во засолништето?

г) Кои се најголемите стравови и проблеми?

д) Како завршуваат животите на жителите на Тајното засолниште?

10. Како Ана го поминувла денот во засолништето, наброј некои активности.

11. Именувајте ги помошниците на Ана. На што беа изложени?

12. Напишете ги пет особини на Ана кои сметаш дека се многу важни.

Препиши од книгата места каде што се дадени информации за неа. Надворешен и внатрешен опис. Одбери уште еден лик: Марго, мајка ѝ, татко ѝ Петер… за кој исто така ќе препишеше од книгата.

13.Препиши 5-10 цитати во кои има убави мисли

14. Запишувај ги датумите на позначајните настани во книгата: кога стигнаа во засолништето, кога беше роденденот на Ана… и други работи за кои што ти мислиш дека се значајни.

Потоа, на час учениците реализираат активности:

Активност 1: Учениците добиваат крстозбор, којшто треба да го решат. Крстозборот се прави многу едноставно на страницата: https://crosswordlabs.com/

Активност 2: На табла или со помош на апликацијата MindMup (https://www.mindmup.com/) се прават мисловни мапи и се листаат карактеристики на Ана, Марго, Петар и уште еден член од Скривалиштето по избор на учениците. Учениците читаат извадоци што ги запишале, во кои се зборува за карактеристиките на Ана или на некој од другите членови на засолништето.

Активност 3: Тајно засолниште

На учениците им се покажуваат автентични фотографии од скривалиштето и се бара од нив да одговорат на прашањата:

а) Каде се наоѓа?

б) Кога семејството оди во засолништето?

в) Колку луѓе престојуваат во засолништето?

г) Кои се најголемите стравови и проблеми?

д) Како завршуваат животите на жителите на Тајното засолниште?

Активност 4: Временска линија

Учениците цртаат една права линија на која означуваат точки, треба да ги напишат најважните настани кои се случиле на тие денови. Ако имаат потреба од помош наставничката им запишува датуми, а тие ги проверуваат во книгата:

  • 12 јуни 1929 СЕ РАЃА АНА
  • лето 1933 ЕМИГРИРААТ ВО ХОЛАНДИЈА
  • 12 јуни 1942 ГО ЗАПОЧНУВА ДНЕВНИКОТ
  • 9 јули 1942 ВСЕЛУВАЊЕ ВО ТАЈНОТО ЗАСОЛНИШТЕ
  • 17 ноември 1942 – ВСЕЛУВАЊЕТО НА ДИСЕЛ
  • 1 август 1944 – ПОСЛЕДНИОТ ЗАПИС НА АНА
  • 4 август 1944 – ФАТЕНИ

  • Активност 5: Т-табела
  • На табела учениците ги запишуваат своите активности во текот на денот и активностите на Ана. Се чита и се дискутира.
  • Активност 6: Помошници
  • Учениците ги именуваат помошниците и споделуваат на што биле изложени. На подготвена презентација се покажува фотографии од нив. Го гледаат извадокот од интервјуто со Мип Гис https://www.youtube.com/watch?v=G6kQUYQCZpc
  • Активност 7: Постер
  • Учениците ги читаат цитатите што ги запишале додека ја читале книгата. Имаат задача да направат постер во тетратката или во Canva на кој ќе стои цитатот и некоја фотографија или илустрација која потсетува на книгата.

Активност 8: Ѕиден весник:

Учениците предлагаат теми кои ќе се користат на наредниот час на кој ќе има дебата. Теми кои ги начнала или зборувала Ана, теми кои ним им се интересни.

Дебата: Техника аквариум: (За оваа техника види: https://rb.gy/izhpa3 )

Учениците беа мотивирани да дебеатираат и да ги користат прочитаните делови, кои им оставиле впечаток, како аргументи.

Писмена вежба и писмена работа

Учениците излистаа десет теми кои им беа интересни да пишуваат. На часот секое одделение доби различна.

„Јас живеам во лудо време“

„Сите ние живееме со цел да бидеме среќни, нашите животи се различни, а сепак исти“

„Хартијата има повеќе трпение од луѓето“

„Ќе бидеме гладни, ама сè е подобро отколку да бидеме откриени“

Учениците имаа прекрасни писмени во кои зборуваа за Ана, за тоа што научиле, но и кое е нивното мислење за холокаустот и лудилото на Втората светска војна.

На крај се заокружува со теоретски дел за тоа што е дневник и како се пишува. Па завршна активност, имајќи го предвид искуството, пишуваат дневник во кој опишуваат три дена од неделата.

Читање мапа

На часот по македонски јазик, според новата концепција учениците треба да совладаат вештини за читање мапа. Кога треба да се научи такво нешто, најдобро е да се повика извидник 🙂

Во нашата училница ни дојде на гости Филип Стојаноски, извидник од извидничкиот клуб „Феникс“ од Прилеп. Од Филип научивме многу работи. Ни покажа што значат боите, симболите и линиите на картата на светот и на Македонија. Како да се ориентираме на мапата. Ја баравме Селечка Планина, каде се наоѓа на картата, ама и каде е, на која страна од светот, кога ја гледаме од училиштниот прозорец.

На учениците им беше најинтересна играта со страните на светот. Кога научивме каде е која страна, требаше да се вртиме со лицето кон страната којашто ќе ни ја кажеше Филип. Па кој погреши – испаѓа.

На часот се цртаа и симболи кои се користат во мапите и се објаснуваше нивното значење. Учениците имаа задача за дома да измислат свој знак и да го нацртаат.

Авантурите со шестоодделенците започнаа!!!

Денес (2.10.2023) со VI-4 ги започнавме нашите авантури надвор од училницата. Ние учевме, бевме на час, ама ја сменивме училницата и по малку и наставничката 😊

Најпрвин, учениците имаа можност да се запознаат со сите простории и начинот на работа на библиотеката „Борка Талески“ – Прилеп. Особено сум благодарна за убавиот пречек и посветеноста на вработените во библиотеката.

Па како сЕ започна: Учениците ѕирнаа во библиотеката, се запознаа со книгите, со просториите, ја видоа и изложбата од прекрасните уметнички слики од наши, прилепски автори, научија како во минатото се пребарувале книги, ги видоа картончињата и дознаа што значат броевите и ознаките, како се наредени авторите и нивните дела. Научија што значи роднокрајни автори и раритетни дела…

Потоа сите заедно влеговме во детскиот дел каде што го одржавме нашиот час: „Вежби за литературни родови“. Вработените во библиотеката ни одбраа триесетина книги: романи, збирки песни, авторски, народни, драми од Стефановски, Чашуле, античка драма, епски народни песни, басни, лектирни изданија… Задачата беше учениците да ги разгледаат и според она што го научиле од часовите да ги распоредат во табела каде што припаѓаат: лирика, епика или драма.

По успешната работа и разрешување на двоумењата дали „Антигона“ припаѓа на литературниот род драма или лирика, и епските народни песни дали припаѓаат на епиката или лирика, се заблагодаривме за убавиот пречек и слеговме долу, во галеријата на домот за култура „Марко Цепенков’. Таму нè чекаше новинарката Каролина Мицевска.

Со неа учениците научија за новинарството, за медиумите и важноста за непристрасното новинарство. Исто така ја разгледаа изложбата на Душан Коцев и се обидоа да раскажат нешто за тоа што го гледаат во апстрактните претстави на платното.

Ете како може да биде интересно и многу да се научи за различни работи во само два школски часа.

Гледано според програмата за шесто, учениците совладаа содржини од медиумска култура, литература и изразување и творење. Учеа за новинарство, за литературните родови применуваа стекнати знаења, раскажуваа… и ужива. Ги поттикнувам сите колеги да ја применуваат оваа настава, бидејќи институциите се на располагање, професионалците сакаат добра, образувана младина и волни се да помогнат и да бидат поддршка.

„Силјан Штркот“ со актерот Александар Тодески и драмската секција

Дел од драмската секција

Соработката со актерот Александар Тодески е непроценлива за нашата драмска дружина „Од глаата си патиме.“ 🙂 Контактот со професионалец секогаш е успешен. Учениците се радуваат на овие средби и од нив учат многу.

Со Александар се расчита извадок од „Силјан Штркот“ и се поделија улогите. Учениците имаа можност и да научат како се игра со куклите. На гости ни дојде Силјан и Божин, татко му на Силјан. Напорно работеа и се спремија да се претстават пред учениците од седмо одделение.

Со учениците од седмо одделние најпрвин ја изгледавме куклената претстава „Силјан Штркот“ во која што беа куклите со кои вежбаа учениците од драмската.

Учениците имаа задача да ја прочитаат книгата и да се подготват за обработка на лектрирата. Па, на часот ги чекаше изненадување. Учениците од драмската секција беа прекрасни. Го разубавија часот и создадоа прекрасна енергија.

По завршувањето на куклената престава, седмооделенците имаа можност да се запознаат со куклите и да ја земат нивната улога, па останатите ученици им поставуваа прашања. Низ прашањата се дискутираше за содржината.

На крај се правеше и селфи со куклите 🙂 за Инста.

Автобиографија

Наставната единица Автобиографија оваа година ја сработивме на овој начин:

Во издание на Просветно дело има една едиција НЕВЕРОЈАТНИ ПРИКАЗНИ. Една од тие книги е и 20 НЕВЕРОЈАТНИ ЕКО ХЕРОИ. Во едицијата направени се автобиографии за многу познати луѓе. Една од тие автобиографии е и автобиографијата на Грета Тунберг. (тоа во реалност не е напишано од неа, но стилот и начинот на раскажување содржи автобиографски елементи и е одличен за основно).

Илустрација од книгата

Започнавме со разговор за Грета Тунберг. Дел од учениците чуле и знаеја, па споделија некои информации. Ја прочитавме „нејзината автобиографија“ од книгата и изгледавме едно промотивно видео:

Тука се отвори и кратка дискусија: дали некој од нив направил нешто слично или планира да биде дел од некоја еколошка акција.

Бидејќи наставната единица е поим за автобиографија, се вративме на теореткиот дел и учениците ја запишаа дефиницијата: Автобиографијата е литературно-научен вид творба во која авторот го раскажува својот живот, сопствените доживувања, а ги изнесува и условите во кои живее и работи.  Ги изделивме научните карактеристики наспроти литературните од претходно прочитаниот текст.

Сепак би било погрешно на овој час ако не се споменат автобиографиите на Прличев и Цепенков, па затоа во вториот дел од часот се читаат извадоци и се објаснуваат – бидејќи јазикот на кој се пишувани е тешко разбирлив за учениците.

Особено интересен е извадокот за тоа како Марко го добил својот прекар Цепенко:

„Татко ми се викаше Коста Марков Цепенков. Дедо ми беше от село Ореоец, Прилепско и работеше самарџилак во Прилеп. Деда ми јаз не го зафтасаф. Татко ми прикажуаше за деда ми, како му го клале прекарот Цепенко. Еден неделен ден бил обуен со едни бели гајчи, многу разцепени, дури до газот, и излегол настред село да играт со децата. Едно [г]о виделе и му свикале: „Марко Цепенко, Марко Цепенко”,и от тои ден беше му останало прекарот Цепенко.“

На крајот од часот учениците добијаа наставен лист: Фејкбук (Fakebook), кој всушност претставува копија на Фејзбук ѕид. Запишуваа статуси и податоци за нив. Односно креираа своја автобиографија.

Девојчето од Шестата Месечина – лектира која отвора нови светови

Серијалот за Нина

Продолжуваме со практитката да ја работиме лектирата на несекојдневен, активносен начин 😊

Лектира која за некои ученици беше премногу детска, но за други предизвикувачка и богата со информации кои можат да се искористат во активностите на час.

Еве како ја сработивме:

На почетокот, неизбегнувајќи го класичниот дел на претставување на авторката, нејзиното вистинско име и фактот дека е наш современик, ги споменавме и нејзините книги кои се поврзани со серијалот на Нина. Тоа овозможи да се мотивираат учениците да продолжат да ги читаат и другите книги и да се запознаат со понатамошниот тек на главното дејство.

Дискусија и разговор со учениците, при што се проценува на индивидуално ниво, низ прашања, дали е прочитана лектирата. Во текот на тој процес се задаваат активностите и учениците се вклучуваат.

Алхемиска формула

Еве дел од активностите:

  1. Напиши азбука која ќе биде азбуката од Ксораск. За секоја наша буква напиши една ксораскова. Потоа со неа напиши реченица.
  2. Нацртај го симболот на Каркон. (буквата К)
  3. Опиши еден лик: Љуба можеби
  4. Состави една алхемиска формула која може да направи нешто, користи ги опишаните суптанции од крајот на книгата.
  5. Нацртај ги клучевите што ги доби Нина од дедо ѝ
  6. Нацртај го Ксоракс – нацртај галаксија каде е
  7. Кој ќе биде твојот извик? Измисли еден. (како оној на Нина: Жими сите чоколади на светот…)
  8. Спореди ја Бескрајна приказна со Нина – книгите – барај сличности
  9. Најди ги Велигденските Острови, каде се? Истражи нешто за Моаи?
  10. Збакио – нацртај го. Измисли некое слично суштество и опиши го.

Бидејќи со учениците ја имавме сработено „Бескрајна приказна“ од Михаел Енде, можевме да правиме споредба на двете нарации и да пронаоѓаме многу сличности во нив. Ликот на Бастијан и Нина, на Атреј, на волшебните средства и волшебните суштества, нивните мисии… отвараат многу дискусии кои го богатат часот и кај учениците поттикнуваат креативно размислување.

Од ученичката Душица Петкоска

Вежби за прирок – пантомима

Пантомимата започна

Синтакса… прирок… кога ќе сфатат дека глаголот не е прирок 😊 е тогаш работите се комплицираат. Па кога поминале два часа во објаснување за глаголски и глаголско-именски прирок и сега треба да се работат вежби… уф… знае да биде гоолем предизвик.

Како ние го направивме часот интересен?

Ни се смачи од маските, па решивме да одиме надвор. Во училишниот двор. Секој ученик носеше дополнителен учебник 😊 на кој можеше да седи, тетратка и пенкало.

Во круг заеднички повторивме за главни реченични членови, која е функцијата на прирокот, како можеме да го препознаеме во реченица и какви видови прирок има.

Погодување…

Откако се доби впечаток дека знаеме по нешто, почнаа активностите:

Учениците се делат во пет групи (поделбата е 1,2,3,4,5 – се именуваат со броеви како што седат во круг. Оваа поделба може да биде и покреативна, на пример да се направат листови со животни и учениците да влечат. Штом им се даде знак, почнуваат да го имитираат звукот на животното што го извлекле и така според звукот се групираат во група).

Групите си заземаат позиции и почнува ПАНТОМИМАТА.

Првата пантомима е: погоди што правам? (ученикот стои пред групата и прави некакво движење, учениците треба да го погодат дејството. Штом го знаат, ученикот им кажува: прост или сложен. Тие треба да напишат реченица во која ќе имаат прост глаголски прирок или сложен глаголски прирок)

Пр: Сара прави движења дека ТРЧА. Ученците запишуваат: Сара трча. Или запишуваат: Сара почна да трча.

Така играат додека не помине два пати секој од учениците во групата.

Втората пантомима е: која професија сум? (ученикот прави движења кои се карактеристични за професијата која треба да се погоди, аучениците откако ќе погодат запишуваат.

Пр: Таа е наставничка. Тој е доктор, Таа е гимнастичарка или Таа треба да биде наставничка, Таа почнува да станува многу добра гимнастичарка и сл., и добиваат глаголско-именски прироци.

Потоа речениците се читаат во групата и се потенцираат прироците.

Лектира „Бојан“ – Глигор Поповски

Романот „Бојан“ одново ме изненади со можностите за работа и со прекрасната нарација која се нижи така убаво и ведро, како пролетното ветре на Орелска Чука.

Бидејќи сум свесна дека станува сЕ потешко да се мотивираат денешните генерации да читаат и дека часовите за лектира стануваат досадни и монотони… анализата веќе е надмината… кратка содржина ликови… тема, идеја… препишување од претходните генерации… ништо прочитано, ништо сработено од срце… онака како што им доликува на едни вакви прекрасни нарации…

Затоа го променив начинот на работа. Класичниот пристап веќе одамна надминат јасно не функционира, па затоа се решив на тактика: Активности.

Еве како ние ја работевме „Бојан“

  1. Биографијата на авторот е неизбежна. Кратка дискусија и кој е човекот, поврзување со веќе сработени дела од него, како „Сказна за Вилен“, посочување други книги кои некои од умните главчиња ќе ги заскокотка и можеби ќе ги земат од библиотека.
  • Наброј ги топонимите спомнати во книгата.

Ако читале внимателно, тогаш ќе се присетат барем на пет: Селиште, Гогов Валог, Штип, Струмица, Велков гроб, врв Чукарот, Рамни Ливади, Грамадна, на север Осоговски Планини, превалец Гола глава, Трештени буки, Орелска Чука  далечни планини: Пирин, Рила на север, Беласица, Кочани, Велков гроб…

  • Отпечатена мала нема карта на Македонија: Да се најде планината каде што е дејството на романот, да се нацрта.

Авторот намерно не одбрал постоечки локации, иако дејството е веројатно дека се случило на Малешевските Планини или можеби на Плачковица, но детската фантазија, истражувањето и предзнаењето од географија можат да бидат предизвик.

  • Наброј ги обврските на Бојан додека бил сам во колибата, спореди ги со твоите

Тука може да се отвори дискусија за сериозноста на неговите обврски. Да се повикаат учениците на одговорност и на будење на свесноста дека можат многу повеќе да направат на нивна возраст.

  • Нацртај ја плевната, колибата и наброј кои животни беа таму:

Оваа активност може да биде забавна за оние што сакаат да цртаат, останатите може само да ги набројат, може да залепат или да ги нацртаат онака како што сакаат.

А имаат да цртаат:  две кучиња: Караман и Стрела, три крави, едно јуне, две јуници и два вола. 30 овци, срната Кротка.

  • Кој е твојот Јурук? Нацртај го.

Трупецот кој го одржа Бојан во живот. Кој ја стабилизираше неговата психичка состојба.

Учениците тука го цртаат своето оружје за смирување. Како се снајдуваат во стресни ситуации? Што прават за да се смират, да се соберат.

  • На кои работи во книгата не добивме одговор: да шпекулираме со факти:

Се листаа прашања за кои во текстот не добивме одговор, па си ги одговараме онакак како што сакаме.

Пр: Колку дена беше таму? Што рече мајка му: децата на училиште? Учителот? Кој друг бил дел од семејството на Бојан?

  • Учиме нови работи:

Препиши еден поим или нешто што научи од книгата а не си го знаел претходно:

пр: ЛЕТИЦА – посебен вид планински рж што се сее на пролет.

Поскок џиркалец – џирка

И секако најважните активности:

  • Дискусии:
  • трансформацијата на шумарот во очите на Бојан (како еден јак, силен, голем, моќен човек, вози џип… му се тресат рацете, трепери, бара помош, не може да се носи со смртта на двете овчарчиња, ниту со соочувањето со семејствата)
  • Дали и ти би живеел на планина?
  • Дали Елена и Бојан беа зрели за љубов?
  • Зошто качувањето на Орелска Чука беше многу важно за Бојан?
  • Како влијаеше минатото на Бојан?…
  1. Извадоци од романот може да се поврзат со материјалот од граматика. Еден мал извадок од него може да биде текст од кој учениците ќе најдат предлози и ќе определат кое е нивото значење во реченицата.

Волшебен е светот на „Бојан“

Може да нè научи на многу работи!!!