„Лудориите на Маша“ – настап на драмската секција на Годишната програма 2016

На овогодинешната Годишна програма, драмската секција се претстави со драмскиот текст „Лудориите на Маша“. Мотивирани од популарниот цртан и од палавштините што ги прави Маша, решивме оваа година да ги измешаме ликовите од бајките и детските книги и да ги одведеме во светот на Медо и Маша.

Во овој проект учествуваа 16 ученици. Нивните заслуги, вклученоста на родителите кои помогнаа со костимографија и кореографија (особена благодарност на Татјана Кокондоска и Роберт Нинески) направија овој проект да биде уште поубав. Сценографијата беше дело на наставникот Влатко Николоски кој исто така помогна и за дел од костимите.

Процесот на подготовка беше многу инспиративен. Претставата ја смисливме заедно, дискутиравме, додававме, одземавме. Моите драмски надежи се полни со идеи и голем дел од она што можете да го видите на видеото е нивно дело. Им благодарам на сите за соработката.

Лудориите на Маша

 

 

Четврто место на Олимпијадата за млади техничари и природници

2016-04-09 14.25.13

Вчера се одржа 70 -та по ред Олимпијада на млади техничари и природници во Куманово, во ООУ „Кочо Рацин“. Нашиот град се претстави со 20 тина ученици заедно со своите ментори. Народна техника од Прилеп може да се гордее со многу освоени места. Едно од тие места е и нашето. Леонардо Маркоски од VIII – 4 одделение е младиот режисер кој за прв пат се обиде да биде дел од ова случување.

Под мое менторство и со поддршка и воведување во светот на филмот од страна на Анастасија Бошкоска и Оливер Ангелески, Леонардо направи два филма, од кои подобриот го однесе на Олимпијадата. За жал најпрвин се` изгледаше дека ќе е објективно и според правилата, а на крај местата ги заземаа некои кои не го заслужиле ни последното… но да не испадне дека плачам оти не сме освоиле медал, ќе речам само дека сум разочарана од тоа што го видов, пред очите на мојот ученик, ама се радувам за она што Лео за кратко време успеа да го направи. Филмот „Куцкамен“ беше мојот фаворит.

 

 

ГЛАСНО ГОВОРИМЕ

20160310_121632

Во рамките на наставната програма, решивме наставната единица: Поим за говор, да ја сработиме искуствено. Имено, откако го работевме текстот „Цвеќе на мирот“. Дознавме кој е Цветин, и како тој зборува пред својата публика. Потоа пристапивме теоретски:

„За секоја една минута јавно говорење, потребен е еден час подготовка.“

Потребни работи за добар јавен настап:

  • Совладување на стравот и тремата пред јавен настап
  • Правилна употреба на глас и дикција
  • Правилна употреба на говорот на тело во презентирање
  • Развој на самодовербата и сигурноста во настапот
  • Учење на техники за подготовка на говор и презентација
  • Шема, композиција или редослед на говорот (излагањето)
  • Реакција на забелешки, прашања и напади
  • Контакт со очите
  • Динамичност, комуникација со публиката
  • Ги убедуваш останатите дека ти си во право.

Подготовка:

  1. Одбирате тема
  2. Ја разработувате, барате цел поради која го држите говорот
  3. собирате аргументи кои ви го поткрепуваат кажаното
  4. ја убедувате публиката во своите искази преку примери
  5. завршувате со заклучок.

Најпрвин мислев дека ова ќе биде интересна вежба за неколкумина. Но испадна дека децата сакаат да играат улоги. Сите сакаа да настапат. Се спремија добро, говорите беа прекрасни. Од таа нивна огромна желба произлезе и училиштниот натпревар во кој имаше 22 финалисти. Тешко им беше на 14 те ученици кои беа жири-комисија да одлучат, сите дечиња беа беспрекорно спремни, само нијанси во настапот. Текстовите на говорите кај сите беа многу добри.

This slideshow requires JavaScript.

На натпреварот првото место го делеа: Филип Крстески и Иван Крстески. Второ место: Мила Николоска, Михаела Јанеска, Теона Стојческа, Климентина Котеска, Веселина Јованоска. Трето место: Никола Илијоски, Андријана Лимбевска, Сара Нинеска и Леонарда Кајџаноска.

Не можам да ви опишам колку многу енергија имаше во нивните настапи.Можам само да ви предложам врски до дел од нив и до говорите што ги држеа, па вие сами може да се уверите во она што го кажувам. Секоја чест ученици, се гордеам со вас!!!

Дојдете на Чернодрински!!!

2015-11-27 18.59.13

Проектот „Музеите во училиштата и училиштата во музеите“ заврши за оваа година. Драмската секција учествуваше со едно видео: „Дојдете на Чернодрински“ во кое имаше обид да направи промоција и кратка реклама за Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Идејата беше различни ликови од различни престави со своите познати изјави да се стават во функција на пораката.

Сценариото: Климент Охридски – Војдан Чернодрински

Проект: „Мечето што не сакаше да спие“

 

?Мечето што не сакаше да спие

На идеја на наставничката Гордана Јованоска (информатика), учениците и наставниците Јулијана Талеска (македонски јазик) и Влатко Николоски (ликовно образование) се направи проект кој усреќи многу дечиња.
Проектот започна со создавање на драмскиот текст: „Мечето што не сакаше да спие“ од страна на наставничката Талеска. Таа мотивирана од српската детска песничка „Љутито мече“ од Брана Црнчевиќ го напиша драмскиот текст и истиот го спреми со драмската секција од ООУ „Климент Охридски“. Наставникот Влатко Николоски со ликовната секција нацртаа цртежи мотивирани од драмскиот текст, а наставничката Гордана Јованоска со неколку ученици, технички го обработија материјалот и на крај се доби прекрасна боенка која што беше подарувана на првачињата и на дечињата од градинките.

Еве ја драмската секција:

Драмската секција со драматизацијата „Мечето што не сакаше да спие настапи на подарувањето на пакетчиња на првачињата, кај учениците од посебните паралелки и во градинката „Тризла“, со што училиштето оствари соработка со локалната заедница:

Првачињата:

Кај посебните паралелки:

Во градинката:

This slideshow requires JavaScript.

Искуството на сите три месат беше неописливо. Дечињата многу се радуваа на маскираните ученици кои беа автентично нашминкани и облечени од страна на наставникот Влатко Николоски и ученичката Сара Нинеска.

Боенките им беа поделени од Дедо Мраз и многу им се допаднаа.

This slideshow requires JavaScript.

 

 

Драмската секција им ја честита Новата година на првачињата

 

DSC_0049

Драмската секција подготви драмска едночинка „Медо не сака да спие“. Со неа се престави пред првачињата во спортската сала од училиштето. Во рамките на чествувањето на Нова година со најмалите ученичиња: првачињата. Секцијата настапи и се дружеше низ песна со првачињата, кои претходно се сликаа со Дедо Мраз и со пакетчињата кои им беа приготвени.

Во соработка со наставникот по ликовно образование Влатко Николоски, учениците беа автентично маскирани според улогите кои ги глумеа.

 

This slideshow requires JavaScript.

Учениците, учесници беа многу среќни и задовлни од еуфоричната публика, полна со мали дечиња кои најмногу се радуваа на Дедо Мраз.

 

Празнично украсување на училницата (2015)

20151221_140418

 

И оваа година учениците од VIII – 2 одделение направија работилница за „Новогодишни украси“. Тројца ученици од одделението: Анисија Ставреска, Никита Ристески и Наталија Петреска ги пренесоа своите вештини за правење на снегулки, ѕвезди и други новогодишни украси. Сите ученици беа вклучени со свои изработки и материјали. Беше весело и празнично. Од куп хартија учениците направија прекрасни украси кои ја разубавија нашата училница. Браво дечиња!!!

This slideshow requires JavaScript.

Проект: „Музеите во училиштата и училиштата во музеите“ – 2015

IMG_6056

Драмската секција повторно зеде учество на проектот „Музеите во училиштата и училиштата во музеите“. Оваа година, заедно со останатите основни училишта требаше да се избере некој локалитет или случување кои се карактеристични за Прилеп и да се претстави со кратко видео. Одговорни наставнички за проектот беа Лилјана Здравеска и Јулијана Талеска. Во таа насока се одржаа неколку средби со координаторот на проектот Александар Цветкоски и неговата асистентка Мимоза Христоска, вработени во Музејот. Заеднички се дојде до идејата да се презентираат театарските игри „Војдан Чернодрински“.

This slideshow requires JavaScript.

Учениците уживаа во подготовките, особено во множноста да облечат костими од театарски престави. Да влезат накратко во светот на ликовите: Ромео, Јулија, Хлестаков, Кир Јања, Анѓеле, по Јанче, Цвета, Диоген, Трите сестри, Итар Пејо, Хамлет, Отело, Дездемона…

This slideshow requires JavaScript.

Најинтересно беше кога се подготвуваме за снимање. Учениците заедно со Координаторот на проектот Александар Цветкоски и Мимоза Христоска се обидоа да изгледаат скоро идентично на ликовите што ги претставуваа. Тие влегоа со свои видувања на ликовите и врз основа на нивната режија беше снимено видеото.

This slideshow requires JavaScript.

Видеото се снимаше во Домот за култура „Марко Цепенков“. Учениците имаа можност да видат како изгледа кога се снима филм. Иако кратко, сепак искуствено се почуствуваа како вистински актери, што всушност и се. Им благодарам за заложбите и за тоа што дадоа дел од своето време и креативност.

This slideshow requires JavaScript.

Драмската секција со ново видео: „Сите деца со исти права за подобро утре“

Драмската секција во соработка со СЕГА – коалиција на младински органзации и Песталоци – детската фондација сними кратко видео во кое ги промовираше детските права. Видеото беше промовирано во петокот во училиштето „Климент Охридски“ пред наставниците, учениците и родителите.

http://www.zenitprilep.com.mk/petka/8944-detski-prava-za-podobro-utre.html

ТВ и радио емисии

image005

На часовите предвидени за наставното подрачје МЕДИУМСКА КУЛТУРА, со учениците учевме за радио и ТВ емисии.

Во таа насока, учениците изработија проекти – видео и аудио записи кои претставуваат копии на она што ние можеме да го видиме или чуеме на телевизија и на радио.

Изработката на видеата беа корисно и забавно поминато време, нивното гледање беше многу интересно. Учениците покажаа дека еден ден можат тоа да го прават професионално.

Еве дел од нив, одбрани заедно со учениците:

Детска ТВ емисија „Приказна пред спиење“  https://www.youtube.com/watch?v=zPAmPx2xwkc

Детска ТВ емисија „Таленти“ http://youtu.be/BevOcVB-IL4

Забавна ТВ емисија „Мачки“   https://www.youtube.com/edit?video_id=m4zLoHoqZu8

Забавна ТВ емисија „Човекот и животните како најдобри пријатели“ http://youtu.be/slDBlkizm88

Информативна ТВ емисија „Метео“ http://youtu.be/HIJuuDflrdc

Забавна радио емисија „Добар виц, добро смеење“ http://youtu.be/hXRir69a3ls

http://youtu.be/BevOcVB-IL4

Информативна радио емисија „Клуч“ http://youtu.be/yLW9HLXe58Y

Образовна радио емисија „Професии“ http://youtu.be/y7TOuqRqlL4

Овие емисии ќе бидат корисни за часовите по медиумска култура. Им благодарам на моите креативни ученици за убавите емисии.