Првиот час

Предлози за првиот час:

  • Бидете насмеани и ведри, поздравете ги учениците со радост и дајте им време да се адаптираат на новата средина.
  • Претставете им се, кажете некоја интересна работа за себе. Што сакате да јадете, каде сакате да патувате…
  • Запознавање: има низа игри за запознавање… Ако одделението доаѓа од одделенска (значи веќе пет години учеле заедно) учениците се знаат меѓусебе, па може да се примени играта: Претстави го твоето другарче: Се започнува со еден ученик кој избира друг за кого кажува неколку реченици во кои го претставува. Во претставувањето треба да каже убави зборови за својот соученик/ничка. Пр: Ана свири многу убаво на пијано. Таа игра и одбојка. Сака да се дружи со сите и секогаш ми помага кога ми треба помош…
  • Напишете на таблата листа со работ кои им се потребни за вашиот час
  • Јасно и едноставно објаснете им ја програмата. Што ќе учат и кои се очекувањата за тоа што ќе стекнат со тоа што ќе го научат.
  • Кажете им како ќе ги оценувате, кои работи се важни на часовите
  • Заедно направете правила кои ќе ги отпечатите или ќе ги запишете и ќе стојат цела година на ѕид во училницата. Еве идеја како да ги сработите:

Наставничката чита изјави, учениците од нејзините изјави треба да извлечат една или две реченици. Така ќе се реализира стандардот:

Слушање со разбирање: Резимира во 1-2 реченици (во пишана или усна форма) слушнат или прочитан текст од 5-6 реченици.

Многу ми е важно, за да може да тече часот непречено, кога зборувам учениците да ме слушаат внимателно и да постапуваат според насоките коишто им ги кажувам. Ако ме слушате внимателно ќе може да ме разберете што ви кажувам и ќе учите полесно.

1.Слушај внимателно што зборува наставничката и следи ги насоките! (можен одговор од учениците)

Сакам моите ученици да бидат искрени со мене и да ми ги кажуваат работите какви што се. Јас ќе најдам начин да им помогнам и да ги разберам. Сакам исто така да бидат одговорни и да ги завршуваат сите задачи.

2. Биди искрен/а

3. Биди одговорен/на! (можен одговор од учениците)

Моите ученици треба да ја сакаат училницата како да е нивниот дом. Да се грижат да биде чиста. Да не чкртаат по клупите, да не лепат мастики, да не оставаат под клупа ѓубре. Да ги фрлаат сите отпадоци во кантата за ѓубре.Во училницата има крпа и средство за чистење, секој може кога има потреба да го користи.

4. Грижи се училницата да биде чиста! (можен одговор од учениците)

Моите ученици сакам да бидат добри другари. Да се почитуваат меѓусебе и да се поддржуваат. Да нема насилство во училница ниту исмевање. Секој ученик да се чувствува пријатно во училницата.

5. Почитувај ги другите и помагај му на оној што му е потребна помош!

6. Не биди насилен/на! Не навредувај! (можен одговор од учениците)

За да има ред во училницата сите треба да седат на своето место. Ако некој сака да каже нешто, да седи во својата клупа и да крене рака, штом добие збор може да зборува.

7. Крени рака кога сакаш да кажеш нешто! (можен одговор од учениците)

Моите ученици сакам да бидат културни. Да не користат погрдни зборови. Она што сакам да го слушам е литературен јазик и употреба на убави, пријатни зборови.

8. Биди културен/културна, користи убави зборови! (можен одговор од учениците)

На интернет има најразлични постери со правила за час… учениците во Канва може подоцна направените правила да ги направат постер кој ќе го закачите во училницата.

Слушање со разбирање и многу многу повеќе… „Лола и јас“ – Кјара Валентина Сегре

Сосем случајно, додека работев низ дома, на апликацијата Самоглас го пуштив расказот (ако можам така да го наречам, бидејќи изданието е како сликовница) „Лола и јас“. Издание на издавачката куќа „Сказувалка“ во едицијата Кожурец. Текстот ме обзеде целосно и решив да го работам на час. Најпрво мислев да го работам со седмоодделенците, но ефектот кој го постигна ме поттикна да го искористам и со деветтите. Практично заклучив дека е податлив за различни возрасти, во зависност од тежината на задачите. Овде ќе ги изложам двата начини…

Книгата може да ја слушате како аудио-книга (https://www.samoglas.mk/) така што ќе се логирате бесплатно, откако ќе ја симнете апликацијата), но може и да ја порачате или да ја купите од книжарницата (https://knizarnica.skaznuvalka.mk)

            Не можејќи да ја чекам да ми стигне, решив да ја сработам во аудио верзија. Тоа многу помогна да се реализира делот за слушање со разбирање, кој ни претставува предизвик.

Материјали за работа: JBL (блутут звучник и мобилен телефон) и се разбира една тајфа од креативни ученици на кои им светнуваат очињата штом ќе добијат некој предизвик.

Прва задача: Учениците слушаат до 23 секунда (СТОП). Го запирам аудиото и ги поставувам следниве прашања:

  • Што можеме да кажеме за нараторот?
  • Во кое лице се раскажува?
  • Каде живеат Лола и ликот што раскажува? Што се тие?
  • Кон што гледа балконот на станот каде што живеат?
  • На што треба да се внимава во есен, ако се седи на терасата?
  • На која возраст ги замислувате двата лика?
  • Како изгледа Лола? Како изгледа другиот лик? Машко е, женско е?
  • Како изгледа станот? Голем е? Мал е?

Дел од прашањата произлегуваат од она што е слушнато, но дел се и како поттик на нивата фантазија и обид да им стане содржината поинтересна.

Следното слушање е до 34 секунда (СТОП). И повторно неколку прашања кои нужно отвораат дискусии и љубопитство:

  • Каков живот имаше другарката на Лола, нараторката кога се запозна со неа?
  • Што дозна за семејството и за неа?
  • Каква беше Лола кога се запозна со неа?

1:50 (СТОП)

  • Од што беше болна? Дали може да претпоставиме?
  • Зошто беше сама? Зошто не живееше некој со неа?
  • Какви чувства имаше нејзината другарка за Лола?
  • Што правеше за да ја развесели?

Потсетување за ретроспективно раскажување (нешто што е учено од лани):

  • Како се викаше начинот на раскажување што го чувте сега? Навраќањето на нешто што се случило порано?
  • Како дознаваме дека Лола беше тажна? Како го манифестираше тоа? Што правеше во текот на денот? (учениците наоѓаат скриени податоци)
  • Кои заклучоци можеме да ги изнесеме од однесувањето на Лола: Се притиска кон ѕидот кога оди; ја штрекнуваат звуците на децата, свирежите и чрипењата на автомобилите… се стуткува со колената на тротоарот и трепери… Што ѝ е на Лола? (изведуваат заклучоци)

2:32 СТОП

  • Како им одеше напредокот со прошетките, опиши како постепено се менуваа работите?
  • Кој помогна многу за таа промена?

3:50 СТОП

  • Дали секогаш Лола и нејзината пријателка се согласуваа секогаш?
  • По што се разликуваа тие?
  • Каква музика слушаа?
  • Што сакаа да јадат?
  • Кој доби џумка и од што?
  • Дали ти имаш некои ситуации во кои си пострадал поради непромисленоста на пријателот или пријателката. Сподели ситуација во која не сте се согласувале со нешто… кој победува најчесто?

6:07 СТОП

  • Кој е Џовани? Кој е Марио? Што подготвува Марио најдобро?
  • Што прават заедно? Што им е омилено?
  • Кога е топло каде одат?
  • Какво место е киоскот на Џиџи? Што прават таму? Каде се наоѓа тој киоск?
  • Какви пици сакаа да јадат?
  • Кои филмови им беа омилени?
  • Што знаеш за Амазонските Шуми? Каде се наоѓаат? Зошто се важни за нас?
  • Дали Лола и нејзината пријателка сакаат романтични комедии?
  • Какви филмови се тие? Дали ти сакаш да гледаш романтични комедии?

7:40 СТОП

  • Како сака да спие Лола?
  • Како се чувствува нејзината пријателка кога таа ја користи како перниче?
  • Дали и ти имаш некоја ситуација во која не ти е баш најпријатно, но знаеш дека твојот пријател или пријателка тоа им значи многу, па можеш и сакаш да истрпиш за нивно добро.
  • Како се дружат? Каде одат во зима? Што прават?
  • Каде одат во пролет? Како се забавуваат?
  • Каде биле ова лето?
  • Како патувале до морето?
  • Замисли ја оваа сцена, што е чудно во неа? Обиди се да се ставиш себеси како нараторот. Играј ја сцената како да си ти. „Никогаш не сум била на плажа. Морето беше малку разбранувано и брановите се удираа од брегот правејќи бела пена. Кога се доближив за подобро да погледнам, еден бран, подрзок од другите ми го избања носот и не престанав да кивам цели 15 минути“

9:23 СТОП

  • Кој е Микеланџело?Што побарал Микеланџело од нив?
  • Каков сладолед јадеше Лола?
  • Што мислеше нејзината пријателка за таа комбинација од сладолед?
  • Зошто сакаат да ги слушаат звуците од градот? Да слушаат филмови? Да допираат разни ткаенини во продавниците во трговскиот центар?

До крај!

  • Зошто тој ден беше најубав за Лола?
  • Како се викаше нараторката пред да ја запознае Лола?
  • Како ја нарекла Лола?
  • Што е нараторката?
  • Какви се тие кучиња и како може да се препознаат?

Искуството беше несекојдневно. Како само им светнуваа очињата кога ќе сфатеа дека нараторката  е куче, дека Лола е слепа… креативен молк…

Кратко соземање и силна потреба да се сподели кој како мислел, што насетувал… Активноста можеше да престане тука, но решивме да одиме понатаму

Задача 2: Редење на настаните како што ги слушаме.

Искористувајќи ја содржината на расказот, учениците (откако повторно го слушнаа) ги запишуваат редоследно настаните. Така се запознаваат со елементите на прозен текст: фабула и содржина.

(фотографија од таблата)

ФАБУЛА:

Задача 3: Учениците ја раскажуваат содржината на расказот и ја согледуваат разликата. И содржината ја запишуваат во тетратката.

Задача 4: Тука може да се искористи просторот за сензибилизација. Разговор за слепите и слабовидните лица. Запознавање со нивните карактеристики.Учениците се запознаваат со браевата азбука и гледаат книга напишана на тоа писмо.

Задача 5: Листање на сите особености на ликовите и уште една наставна единица поврзан со елементите на прозниот текст. Тука може да се поврзи и со веќе ученото: опис на лик.

Оваа варијанта ја сработив со поголемите.  Учениците ја слушаат целата книга. Додека слушаат си фаќаат белешки врз основа на кои сами пишуваат прашања. Потоа меѓусебно се прашуваа. Ја слушаат уште еднаш и имаат нова задача: Во неа ги бараат деловите каде што нараторката укажува неусетно за тоа дека Лола е слепа, а Ѕвезда е куче. Тоа го запишуваат во тетратка.

Овде е убаво учениците да ја имаат книгата како текст (да гледаат и да читаат, па на самата хартија да означуваат со различни бои и потоа да ја пополнат табелата:

Лола е слепаСаша (Ѕвезда) е куче
– Седеше загледана во празно
– Се врволиме по улиците слушајќи ги илјадниците гласови на градот
– Меки, боцкави, кадифени, шушкави… од креп, од свила, алишта (не купуваат, допираат алишта)
– Во паркот: „Да уживаме во викотниците на децата што играат кај фонтаната“
– „слушаме филм“
– Мирисите се насекаде низ текстот, но и вкусовите: темперни бои и дрво, топли кроасани, сол – мирисот на морето.
– „Решив да се грижам за неа“
– „Секогаш излегува по нејзино (Лола) упатува сладок поглед и не успевам да ја одбијам
– Излегува на терасата, послушно“
– Сака месо (бифтек), пица со кулен
– Лола заспива честопати врз мене како да сум перниче.
– „Никогаш не сум била на плажа“.
– „Морето беше малку разбранувано и брановите се удираа од брегот правејќи бела пена. Кога се доближив за подобро да погледнам, еден бран, подрзок од другите ми го избања носот и не престанав да кивам цели 15 минути“
– Колку е студено кога водата ќе ми го накваси стомакот
– Ветрето ни ги бушавеше косата и крзното…

Се читаат белешките и се дискутира. Како авторката умесно ги реди точките кои упатуваат на двете извонредно скриени работи, кои го прават овој текст неодолив! И овде може да се зборува за слепите лица и за сетилата за мирис и допир, како нешто што е многу важно и силно изразено сосем намерно, во текстот.

Изберете си варијанта и пробајте!