Усно изразување – техника АКВАРИУМ

Под импресии од несекојдневните тренинг-обуки од последната средба, дел од проектот „Поддршка во процесот на интегрирано образование“, решив, без некој особен интузијазам да ја работан на час техниката аквариум. На почеток не ми изгледаше толку интересна, и немав намера да ја искористам, но колегите учесници на тренингот споделуваа дека ја искористиле и дека имаат многу убаво искуство… и мотивирана од тоа, решив да се обидам и јас.

Наставна единица Усно изразување: техника аквариум
Одделение XI (деветто) одделение
Време на реализација Октомври, 2016 год.
Наставно подрачје Изразување и творење
Тип на часот Час за примена на стекнати знаења
Цели на часот Да се подобри усното изразување, да се поттикнат ученците на креативно размислување, да се охрабрат во искажување на нивите ставови, да го збогатат речникот, да размислуваат и дискутираат на МИО теми.
Форми на работа Групна, мали групи од 4 ученици
Наставни методи и техники
Дијалошки метод, техника: аквариум
Наставни средства и материјали Листови со теми, четири столици, училница, табла, часовник.
Корелација Општество, култура, спорт, музика…
Поими

аквариум

На средината од просторијата се поставуваат четири столици кои формираат замислен аквариум. Се повикува доброволец кој сака да дискутира на одредена тема. Темите се претходно зададени и се отпечатени секоја на посебен лист хартија и се лепат на табла.

Доброволецот ја зема темата на која сака да дискутира и ја поставува на средина на аквариумот на под. Тој/таа може да повика некој со кого сака да дискутира на темата, а останатите слободно се приклучуваат на останатите слободни столчиња во „аквариумот“. Во текот на вежбата можат да говорат само оние кои во тој момент седат во „аквариумот“.

Кога некој посака да зборува, се приближува до столиците и го допира по рамото оној/онаа на чие што место сака да влезе во „аквариумот“.  Ученикот/чката може да ја заврши реченицата, а потоа мора да му/ ѝ отстапи место.

Кога ќе се заврши разговорот на една тема (или по поминатото време предвидено за тоа, пр. 5-10 минути по тема) учесниците/чките кои што учествувале во аквариумот се враќаат на своите места, и тогаш се задава нова тема така што повторно се повикува доброволец кој сака да дискутира на некоја од другите теми…

Теми:

  • Образовен систем; турбо-фолк музика; хип-хоп; дискриминација во училиштето; фудбал; предметот македонски јазик; Албанци, Роми, гардероба за излегување в град…

Може во текот на процесот, некој од учениците сам да напише на лист тема и кога ќе дојде време за нова тема да ја стави во аквариумот и да се дискутираа на неа.

За оваа возраст доволно е 5 минути од тема. Ако се работи техниката со поголема возраст (средно образование) тогаш може 10 минути. ВАЖНО Е НАСТАВНИКОТ ДА НЕ СЕ МЕША ВО РАЗГОВОРОТ. Учениците на почетокот имаа тешкотија да се замислат себе си во аквариумот, па често се вртеа кон мене, и мене ми зборуваа. Но кога им објаснив дека во аквариумот имаат сигурен простор и говорат само тие што се внатре, и јас се повлеков и седнав во толпата од ученици, аквариумот почна да функционира.

Во дискусијата наставникот може да искаже свое мислење само ако седне на едно од четирите столчиња и стане учесник во аквариумот.

Единствена негативност која што ја забележав е дека оваа активност неколку ученици не ги интрересираше. Односно немаа храброст да седнат во акватиумот и да дискутираат. Препорака до наставниците кои ќе ја работат, да забележат кои ученици не се вклучиле, па на наредните часови да најдат начин да ги извлечат нивните размислувања, и да ги охрабрат да зборуваат гласно. Бидејќи неколкумината кои не зборуваа денес, се навистина интелигентни ученици и имаат што да кажат…

Пробајте, во рефлексијата со учениците чув многу позитивни критики и желба повторно да го направиме.

„Лудориите на Маша“ – настап на драмската секција на Годишната програма 2016

На овогодинешната Годишна програма, драмската секција се претстави со драмскиот текст „Лудориите на Маша“. Мотивирани од популарниот цртан и од палавштините што ги прави Маша, решивме оваа година да ги измешаме ликовите од бајките и детските книги и да ги одведеме во светот на Медо и Маша.

Во овој проект учествуваа 16 ученици. Нивните заслуги, вклученоста на родителите кои помогнаа со костимографија и кореографија (особена благодарност на Татјана Кокондоска и Роберт Нинески) направија овој проект да биде уште поубав. Сценографијата беше дело на наставникот Влатко Николоски кој исто така помогна и за дел од костимите.

Процесот на подготовка беше многу инспиративен. Претставата ја смисливме заедно, дискутиравме, додававме, одземавме. Моите драмски надежи се полни со идеи и голем дел од она што можете да го видите на видеото е нивно дело. Им благодарам на сите за соработката.

Лудориите на Маша

 

 

Интервју – поим

Учениците од шесто одделение на часовите учеа што е интервју и како тоа може да се направи. Најпрвин во склоп на самостојна мултикултурна активност, тие интервјуираа четворица граѓани на Р. Макеоднија од различни етнички групи. Потоа, во групи, заеднички подготвија прашања, истражуваа и интервјуираа наставници, директор и стручна служба.

Еве дел од нивните изработки:

 

Кратки филмови

За време на зимскиот распуст учениците имаа задача да снимат кратки филмови на две теми: Еко-тема или тема Непослушност. Оваа активност беше спроведена во сооднос со годишното планирање, според кое учениците учеа како се снима филм. Кои се подготовките за знимање. Па на часовите работеа синопсис, сценарио и според нив подоцна ги снимаа фимовите. Еве дел од нив:

Грижете се за природата и внимавајте на однесувањето

Загадена природа

Непослушен човек

Силјан Штркот

Филмот Силјан Штркот – снимен и монтиран од ученикот Леонардо Маркоски на овогодинешниот регионален натпревар на млади техничари и природници, во категоријата кино-техника го освои првото место и обезбеди пласман на олимпијадата.

Час на отворено – раскажување и прераскажување

20160421_105158

Во книжарниците од „Просвето дело“ има картички со сликички и азбука на повеќе јазици. На Саемот на книги ги купив картичките со македонската азбука, мислев да ги користам на часовите со учениците со посебни потреби. Се испоставид ека идејата за нивното користење е одлична. Едно од тие „искористувања“ е и овој час:

Најпрвин учениците стојат во круг и секој од купчето со картички влечи една картичка. Потоа со играта 1,2,3 се прават групи. во зависност колку групи требаат, до таја бројка се игра. Ние игравме до 5. Најчесто учениците застануваат еден до друг, како што се дружат. Оваа вежба  ги „разделува“ најдобрите другарчиња, и создава простор за градење на групата, бидејќи групите спонтано се создаваат. Децата кажуваат по еден број: 1, 2, 3, 4, 5. Потоа одново 1, 2, 3, 4, 5 и така неколку пати додека не се стигне до првиот 1. Единиците се една група, двојките друга и т.н.

Секоја група има онолку картички колку што има ученици во неа. Задачата е да раскажат краток текст во кој ќе ги вметнат поимите од картичките. Текстот го создаваат заеднички. Потоа го читаат пред класот. Вториот дел од задачата е учениците да го прераскажат тоа што го слушаат.

This slideshow requires JavaScript.

 

ГЛАСНО ГОВОРИМЕ

20160310_121632

Во рамките на наставната програма, решивме наставната единица: Поим за говор, да ја сработиме искуствено. Имено, откако го работевме текстот „Цвеќе на мирот“. Дознавме кој е Цветин, и како тој зборува пред својата публика. Потоа пристапивме теоретски:

„За секоја една минута јавно говорење, потребен е еден час подготовка.“

Потребни работи за добар јавен настап:

  • Совладување на стравот и тремата пред јавен настап
  • Правилна употреба на глас и дикција
  • Правилна употреба на говорот на тело во презентирање
  • Развој на самодовербата и сигурноста во настапот
  • Учење на техники за подготовка на говор и презентација
  • Шема, композиција или редослед на говорот (излагањето)
  • Реакција на забелешки, прашања и напади
  • Контакт со очите
  • Динамичност, комуникација со публиката
  • Ги убедуваш останатите дека ти си во право.

Подготовка:

  1. Одбирате тема
  2. Ја разработувате, барате цел поради која го држите говорот
  3. собирате аргументи кои ви го поткрепуваат кажаното
  4. ја убедувате публиката во своите искази преку примери
  5. завршувате со заклучок.

Најпрвин мислев дека ова ќе биде интересна вежба за неколкумина. Но испадна дека децата сакаат да играат улоги. Сите сакаа да настапат. Се спремија добро, говорите беа прекрасни. Од таа нивна огромна желба произлезе и училиштниот натпревар во кој имаше 22 финалисти. Тешко им беше на 14 те ученици кои беа жири-комисија да одлучат, сите дечиња беа беспрекорно спремни, само нијанси во настапот. Текстовите на говорите кај сите беа многу добри.

This slideshow requires JavaScript.

На натпреварот првото место го делеа: Филип Крстески и Иван Крстески. Второ место: Мила Николоска, Михаела Јанеска, Теона Стојческа, Климентина Котеска, Веселина Јованоска. Трето место: Никола Илијоски, Андријана Лимбевска, Сара Нинеска и Леонарда Кајџаноска.

Не можам да ви опишам колку многу енергија имаше во нивните настапи.Можам само да ви предложам врски до дел од нив и до говорите што ги држеа, па вие сами може да се уверите во она што го кажувам. Секоја чест ученици, се гордеам со вас!!!

https://youtu.be/_gvr-PM2dmI

http://https://youtu.be/IoQyF-fngBE

http://https://www.youtube.com/watch?v=oQkVdja7qpo

http://https://youtu.be/rKgPSPWLxQM

http://https://youtu.be/M1xA7Xi62kI

http://https://youtu.be/6YKxuZf87cw

http://https://youtu.be/yuCzJFe4zHY

http://https://youtu.be/3zDRX3te0Tc

http://https://youtu.be/p9EsxbNTuZQ

http://https://youtu.be/HtZgO-MQItY

Визуелни и аудитивни елементи

Иако времето беше смуртено, ние решивме, бидејќи ветивме од порано, да го држиме часот надвор. Се облековме, зедовме книги за седење 🙂 и тетратки и пенкала за пишување.

Во училишниот двор беше пријатно. Ги ставивме книгите за седење и седнавме во круг.

Учениците ја работеа следната активност:

Ги затварате очите, заспивате. Замислете се покрај едне убав сончев брег. Се шетате покрај морето и дишите длабоко од свежиот утрински воздух. Ја мирисате морската сол. Ги слушате плискањата и брановите. Се` е мирно и тивко. Нема никој на брегот. Небото е сино. Се гледаат одалеку прекрасни птици кои радосно пејат и летаат во кругови.

Одеднаш здогледувате во далечините еден чамец. Во него има еден човек. Тој се приближува кон брегот и мафта со рацете. Вика по вас. Ве повикува да дојдете во кајчето и да се возите по морската широчина. Вие се радувате. Ги соблекувате влечките и блузичката. Спремни во костимот за капење се стрчувате кон морето.  Ја чувствувате ладната вода, ама не вие  проблем. Убаво ве разладува. Ги слушате вашите плискања во водата.

Испливувате до човекот. Ви подава рака и се качувате на кајчето. Се чувствуате прекрасно. Мирно е, морето е сино и се бранува нежно. Птиците сега се поблизу до вас. Ги слушате убаво како пејат. Молчите и го гледате синото небо на кое нема ниту едно облаче. Се слуша плискањето на брановите во кајчето… се будите…

Откако ќе се разбудат одговараат на следните прашања:

Какво беше небото? Како изгледаше човекот? Носеше капа? Во која боја беше? Што слушавте? Што видовте?

Дечињата имаа многу интересни одговори: небото кај сите беше сино, а човекот имаше капа во сина, жолта, бела, црвена боја. Имаше мустаќи, имаше брада, немаше брада, немаше мустаќи. Беше во морнарска облека, носеше маица. Во водата имаше делфин кој испушташе прекрасни звуци, птиците беа галеби, морето беше сино, ги слушаа брановите, плискањата на кајчето, ги чувствуваа камчињата и песокот…

На овој начин учениците разбраа што се тоа визуелни и аудитивни елементи. Ги извадоа тетратките и ги напишаа дефинирањата заедно со дел од примерите кои искуствено ги стекнаа од вежбата

Потоа стануваат и стојат во круг. Повторно заспиваат. Еден ученик започнува приказна, кога ќе го допре со рака ученикот до него, тој ја продолжува. И така се` додека не се стигне повторно до првиот ученик. Учениците фантазираат и ја продолжуваат приказната.

Кога ќе се разбудат споделуваат што видоа и што слушнаа.

На крајот од часот, бидејќи ни останаа пет минутки, сработивме уживајзери (игри за размрдување).

Дојдете на Чернодрински!!!

2015-11-27 18.59.13

Проектот „Музеите во училиштата и училиштата во музеите“ заврши за оваа година. Драмската секција учествуваше со едно видео: „Дојдете на Чернодрински“ во кое имаше обид да направи промоција и кратка реклама за Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Идејата беше различни ликови од различни престави со своите познати изјави да се стават во функција на пораката.

Сценариото: Климент Охридски – Војдан Чернодрински

Проект: „Мечето што не сакаше да спие“

 

?Мечето што не сакаше да спие

На идеја на наставничката Гордана Јованоска (информатика), учениците и наставниците Јулијана Талеска (македонски јазик) и Влатко Николоски (ликовно образование) се направи проект кој усреќи многу дечиња.
Проектот започна со создавање на драмскиот текст: „Мечето што не сакаше да спие“ од страна на наставничката Талеска. Таа мотивирана од српската детска песничка „Љутито мече“ од Брана Црнчевиќ го напиша драмскиот текст и истиот го спреми со драмската секција од ООУ „Климент Охридски“. Наставникот Влатко Николоски со ликовната секција нацртаа цртежи мотивирани од драмскиот текст, а наставничката Гордана Јованоска со неколку ученици, технички го обработија материјалот и на крај се доби прекрасна боенка која што беше подарувана на првачињата и на дечињата од градинките.

Еве ја драмската секција:

Драмската секција со драматизацијата „Мечето што не сакаше да спие настапи на подарувањето на пакетчиња на првачињата, кај учениците од посебните паралелки и во градинката „Тризла“, со што училиштето оствари соработка со локалната заедница:

Првачињата:

Кај посебните паралелки:

Во градинката:

This slideshow requires JavaScript.

Искуството на сите три месат беше неописливо. Дечињата многу се радуваа на маскираните ученици кои беа автентично нашминкани и облечени од страна на наставникот Влатко Николоски и ученичката Сара Нинеска.

Боенките им беа поделени од Дедо Мраз и многу им се допаднаа.

This slideshow requires JavaScript.

 

 

Драмската секција им ја честита Новата година на првачињата

 

DSC_0049

Драмската секција подготви драмска едночинка „Медо не сака да спие“. Со неа се престави пред првачињата во спортската сала од училиштето. Во рамките на чествувањето на Нова година со најмалите ученичиња: првачињата. Секцијата настапи и се дружеше низ песна со првачињата, кои претходно се сликаа со Дедо Мраз и со пакетчињата кои им беа приготвени.

Во соработка со наставникот по ликовно образование Влатко Николоски, учениците беа автентично маскирани според улогите кои ги глумеа.

 

This slideshow requires JavaScript.

Учениците, учесници беа многу среќни и задовлни од еуфоричната публика, полна со мали дечиња кои најмногу се радуваа на Дедо Мраз.