Првата задача е учениците да направат табела во која ќе ги внесат имињата на сите девет зависносложени реченици. Потоа во табелата ги нпишуваат и сврзниците. Така ќе имаат појасна слика за секоја реченица одделно.
Втора задача е да изберат по еден сврзник од секоја реченица и да напишат девет реченици.
Трета задача е играта бинго. На посебно ливче или во тетратката цртаат табела со девет колони. Задачата е да пристапат до девет различни ученици на коишто ќе им прочитаат по една реченица од претходно напишаните. Ако ученикот погоди каква е реченицата во табелата штиклираат со точно, ако погреши со неточно.
Ако има ученик со сите девет полиња точно одговорени реченици вика БИНГО! Во спротивно, се бараат линии и се освојуваат поени, знаци, чоколада, привилегии за следната вежба…
Збирката песни „Бели мугри“ од Кочо Рацин е збирка за која треба секој да знае. Антологиските песни во неа во минатото беа задолжителни да се знаат наизуст. Не знам дали има некој кој не чул за „Ленка“, за „Копачите“, за „Тутуноберачите“… но денес, од можеби очигледни, а можеби и не толку јасни причини, не се знае кој е Кочо Рацин, а уште помалку за неговата социјална лирика која носи многу пораки и го вее аловото знаме на тоа време. Мотивирана од тој наш пораз, решив да се задржам на „Бели мугри“ малку повеќе од вообичаено. Такви „луксузи“ се можни само со интегрирање на наставни содржини. Откако ја начив таа финта, животот ми стана поедноставен, а наставниот процес поучинковит.
Започнавме со историја на јазик, каде што зборувавме за македонскиот јазик меѓу двете светски војни. Тука ги спомнавме драмските автори, но и поетите кои со своето творештво многу придонеле за зачувување на јазикот и поттикнале, направиле притисок да се размислува за кодификација.
Се присетивме на песната „Работник“ од Коле Неделковски и за социјалната лирика, за кои учевме во осмо одделение. По нешто за кратките, а многу значајни животи на Рацин и Коле. Повеќе за Рацин низ документарните филмови кои може да се најдат на јутуб:
https://www.youtube.com/watch?v=eIlltxuJAFM (во овој извадок зборува Петре Прличков, па може да се поврзи со Игор Џамбазов и учениците да научат за него, за Анче Џамбазова, за маестро Александар Џамбазов… важно е да се работи и на општата култура и познавањето на личностите кои имаат многу направено за нашата земја, Македонија.)
Проектот на драмската секција со кој нашите ученици учествуваа на „Детски Рацинови средби“ и можност учениците да се запознаат со таа манифестација: https://www.youtube.com/watch?v=cR0f_5xybW4
Картичките, коишто секогаш се содржина која им е најинтересна. Нивно разгледување, но и разговор за музата, за платонската љубов по која го добил своето име…
Потоа два часа кои беа планирани за лектира. Лектира ни беше „Бели мугри“. Ја одбравме „Ленка“ за класична анализа, која не е нешто што сакаат да го прават, но сепак е потребно за да се потсетат како се изделуваа поетски слики, какви се строфите, стихот, мотивот… Потоа, за да ни биде интересно, секој одбра по една песна и на неа ја изработи техниката блекаут. Од песната извлекоа зборчиња кои ним им се гледаа логични и интересни. Ги затемнаа „непотребните“ и креираа нови уметнички дела.
Во минатогодишните евалуации остана недоучено пронаоѓањето на метафората. Со метафората си имаме мака, а не бива да не ја знаеме кралицата на стилските фигури. Наредниот час, чинам четврт по ред, имавме вежби за стилски изразни средства и на него ги баравме метафорите во „Бели мугри“. Учениците добија и изборен проект (тоа е опција во текот на годината самостојно да изработат некој проект кој се вреднува во евидентниот лист) да ги најдат и запишат во Ворд документ сите метафори од збирката. На тој час повторивме за метафора и од тоа што успеаја да го пронајдат имав впечаток дека голем дел од учениците научија како да ја наоѓаат.
Следниот час беше од литература: Видови рими. Во поезијата на Рацин ги баравме римите. Тука ги вклучивме и песните од Конески, од Константин Миладинов… и се потсетувавме за тоа што ни е учено во делот од историја на македонскиот јазик за Конески, за Константин…
Последно што не ни е уште направено, а би било убаво да се види е творење песни инспирирани од збирката „Бели мугри“. За оние што не им легнува на рамо музата, може да прават компилација од стихови. Пред себе да ги имаат песните на Рацин и да изберат неколку строфи кои ќе ги спојат и ќе создадат нова песна.
Овде наставникот може да продолжи со писмена работа во која ќе творат песна (може да го користат агрегатот https://rimuvaj.mk/), може да направи проект за Рацин, да ги однеси во неговата спомен-куќа во Велес… да направи натпревар на кој ќе се рецитираат песните… Да ја гледаат серијата „Црвениот поет“ (https://youtu.be/upBm7cQDhqs?si=MLWNu-yPohBUnBny) па да напишат осврт… да го нацртаат Рацин и тоа да го изложат во кабинетот..
И ако некој рече: зошто е сето ова потребно? За да запомнат. Мора да им е интересно, необично, обоено со многу бои, визуелно и примамливо. Такви се овие генерации, а не смееме да ги оставиме неписмени, должност ни е да најдеме начин…
Кога треба да се предава материјалот од Историја на јазик секогаш е предизвик за наставникот. Предавањето многу важни работи од историјата на еден јазик, на стариот, класичен начин е напорно и кај наставникот предизвикува фрустрации. На децата им е досадно, не ја ценат големината на луѓето и настаните. Не знаат да дадат почит… учат факти и по неколку недели ги забораваат… Како да се смени тоа?
Не знам дали успеав, ама се обидов…
Со техниката снежна топка, на учениците им се дадоа насоки самостојно да истражуваат за Конески. Потоа во парови, помали групи и на крај две големи групи. Си ги споделуваат информациите и градат една целина. Се определуваат кој за што ќе зборува.
По една недела, во организација на училиштето, како активност од Годишната програма, со учениците ја посетивме куќата на Конески во Небрегово.
Учениците имаа можност да ја разгледаат, да истражуваат дополнително и да чујат од кустосот многу податоци кои не ги нашле во нивното истражување.
По нивната презентација, имаа време да фотографираат нешто што им остави впечаток од куќата и подоцна да направат постери.
Оваа посета беше дел од наставниот процес, учениците имаа два часа кои ги одржавме во спомен-куќата.
Часовите од историја на македонскиот јазик често знаат да бидат монотони, досадни и ретко од нив нешто се научува на час. Најчесто учениците чекаат да заврши часот, а наставникот/чката да заврши со предавањето. Подоцна се учат на памет значајните датуми и факти. А сепак, тој материјал е многу значаен… во насока да се разберат одредени случувања од историјата на јазикот, а тоа да биде на интересен и искуствен начин, решив часот за кодификација на македонскиот литературен јазик да биде вака:
Поделба во четири групи со играта: 1,2,3,4.
игра на улоги (roll play) – учениците се познати лингвисти од една земја која што тие ќе ни ја кажат. Повикани се како комисија за да го кодифицираат јазикот кој се зборува во таа земја. Задачата им е:
да се даде име на државата
да се даде име на јазикот
да се состави азбука
да се измислат 5 првописни правила
да се определат луѓе кои ќе ја напишат граматиката на јазикот, ќе напишат речник и правопис
да напишат 5 зборови на литературниот јазик
Потоа, откако искуствено имаа можност да сфатат како оди тој процес, слушаат за датумите, комисијата, околностите… и сето тоа подоцна го учат самостојно од учебникот:
Кодификацијата на македонскиот литературен јазик претставува официјално потврдување и озаконување на литературната норма на mакедонскиот јазик.
Официјалната употреба на македонскиот јазик практично започнува со воспоставување македонска власт на првите ослободени територии во 1943 година и се озаконува со конституирањето на највисоката институција на македонската власт во 1944 година − Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).
Озаконувањето на македонскиот јазик опфаќа:
воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (со Решение на АСНОМ донесено на 2 август 1944 година);
усвојување на македонската азбука (со Решение на Народната влада на Македонија донесено на 5 мај 1945 година);
озаконување на македонскиот правопис (со Решение на Министерството за просвета донесено на 7 јуни 1945 година).
Основни научни трудови во кои се дава нормата на македонскиот литературен јазик се:
Македонски правопис од 1945 година и Македонски правопис со правописен речник од 1950 година од Блаже Конески и Крум Тошев;
Граматика на македонскиот литературен јазик И и ИИ дел од 1952 и 1953 година од Блаже Конески
Речник на македонскиот јазик во три тома (I − 1961, II −1965, III − 1966 година) во редакција на Блаже Конески.