Обид… материјалот од историја на јазик да биде забавен…

Испровоцирана од дискусијата со колегите по македонски јазик којашто се оствари на работниот состанок со советниците од БРО одржан за дополнувањата на содржини за програмата за седмо одделние, се решив да ја направам оваа објава. Имено голем број од колегите се согласуваа со една загрижена колешка дека материјалот од Историја на јазик е обемен и многу досаден за предавање. Затоа решив да се обидам да ги направам тие „досадни“ содржини интересни за слушање и за држење. Дали успеав… ќе проверам оваа недела…

Еве една од содржините: Словенска писменост

  1. Часот може да се започне со поделба на учениците во четири групи (Јас тргнувам од моите класови кои се по 23-25 ученици. Во зависност од вашиот број на ученици, групите може да бидат и помали и поголеми, може да се парови, а може и индивидуално да работат)

Две групи добиваат извадок од житијата, а другите две групи раскажани податоци од самите житија. Треба да извадат податоци од текстовите. Сè што мислат дека е важно да се знае го запишуваат кратко со цртички во своите тетратки. Оваа активност може да се направи и за домашна работа и така ќе се заштеди дел од часот. Учениците ги имаат текстовите и дома во тетратката ги вадат најважните работи: толкуваат клучни зборови, важни фрази, го резимираат текстот во неколку важни реченици. (Овде се интегрира со читање со разбирање.)

2. Се запишуваат непознатите зборови кои произлегле од читањето: житие, монах, патријаршија, Цезар, човекољубие... може усно да се објаснат, но подобро е заеднички да се најдат во дигиталните речници или ако во училницата има Толковен речник, да се провери во него.

Дигитален речник на македонскиот јазик http://drmj.eu/

Толковен речник на македонскиот јазик (Толковник) https://makedonski.gov.mk/

Пр. Житие е текст во кој се зборува за животот и дејноста на некој човек кој е прогласен за свет од страна на Црквата. Во него се раскажува на висок стил за мисијата, делото, чудата што ги правел и историските случувања во времето во кое живеел.

Житие – жизан – живот – животопис – хагиографија

Непознатите зборови може само да се објаснат, може да се запиша во тетратката, но може и учениците да имаат посебно мало тефтерче во кое ќе ги запишуваат. Заеднички во зависност од обврските, на месечно или неделно ниво може да се договара број на нови зборови. На пример за оваа недела секој да има запишано по 10 нови збора. На некој од часовите, учениците ги споделуваат пред класот. (богатење на речникот)

3. Учениците ги читаат белешките, наставничката дополнува, потпрашува, проверува дали основните податоци се запишани во тетратките:

    Пр:

    • Македонскиот јазик потекнува од прасловенскиот јазик.
    • Прасловенскиот јазик е јазикот на кој зборувале Словените. Овој јазик бил само говорен, тој не бил писмен јазик. 
    • Свети Кирил Филозоф ја напишал првата словенска азбука ГЛАГОЛИЦА на која што се пишувал старословенскиот јазик.
    • Старословенскиот јазик е првиот писмен јазик на Словените.
    • Старословенскиот јазик се пишувал со две писма: ГЛАГОЛИЦА и КИРИЛИЦА
    • Глаголица (38 букви) Кирилица (44)
    • Константин Филозоф 826—869
    • Методиј 815—885…

    4. На карта на Европа да им се покаже на учениците територијата на Византија. Ако во училиштето има карта на Византија од тој период, може да се искористи. Учениците треба да знаат кои се денешните територии за кои се зборува на часот. Да знаат дека Моравија е област која што била меѓу Чешка и Полска… и сл.

    Пр: Денешните територии кои ги опфаќала Византија во времето на св. Кирил: Турција, Грција, Албанија, Кипар, Бугарија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, делови од Романија и делови од Сирија, делови од Италија.

    5. Документарен филм: Кирилица https://www.youtube.com/watch?v=wpYS4yxO7js

    Може додека гледаат да фаќаат белешки и да се дискутира откако ќе се изгледа. Или само да се дискутира усно што се виде, што се разбра. Наставничката може да се навраќа на видеото и да дава дообјаснувања. (слушање со разбирање)

    6. Во соработка со некоја од локалните цркви кои се во близина или со некој манастир, библиотека, институт, може и приватна библиотека… учениците одат во посета каде што ќе имаат можност да видат стари книги, листови, фототипни изданија на глаголица и кирилица. Се разгледуваат, се прават споредби. Наставничката или некое лице што знае да чита, им чита од книгите, да го чујат јазикот. Таму ќе имаат можност да го видат кирилското писмо, во црковните службени книги. Може со помош да се обидат да читаат.

    Да увидат дека не се оставало место при пишувањето. Да ги препознаваат титлите и другите знаци, да ги видат калиграфските способности на препишувачите и сл…

      Ако нема можности за посета може да се отворат на интернет. Запишете на некој од пребарувачите: стари црковни книги, црковнословенски, старословенски, глаголица, кирилица… одете на филтер за фотографии и ќе излезат многу фотографии кои може да ги покажувате на учениците. (За да не настанат некои несакани ситуации, најдобро е да пребарате дома и да ги симните фотографиите, при заедничко пребарување може да се појават некои содржини кои ќе им го одвлечат вниманието на часот)

      7. Ако се посети црковен објект, може да се опсервира иконата или фреската на св. Кирил и св. Методиј. Да се дискутира што претставуваат и така да се зголеми општата култура, значењето на одредени претстави во христијанската култура. Тоа воопшто нема потреба да се доживува религиозно. Пристапот може да биде чисто уметнички, бидејќи христијанството е дел од нашата традиција и култура.

      Можни прашања за опсервација:

      -Кој е кој на фреската? Како знаеме дека св. Кирил е тој оддесно? (помлад е, ја држи в рака азбуката. Носи схима – монашки знак.)

      -Што значат круговите околу главите? (тоа се ореоли, тоа покажува дека ликовите се светители)

      -Дали сте виделе некаде вака облечени луѓе?

      Зошто Методиј ја држи книгата? Која книга е таа? (Евангелието, бидејќи тој го преведе)

      Што значи симболиката на десната рака на св. Методиј? (тоа е знак за благословување. Свештениците ги благословуваат луѓето)

      Која азбука ја држи св. Кирил? Зошто? (Глаголицата, бидејќи таа ја создаде тој)

      8. Активности со глаголица

      Глаголицата е самостоен и доследен графиски систем настанат како резултат на лична инспирација. Таа е типично христијанско писмо во чии рамки има христијански симболи.

      Глаголицата за секоја буква си има свое име и како што вели Ласко Ѓуровски во својот извонреден труд за глаголицата кој може да го видите подолу: „Имињата на буквите не се произволни туку секое има свое значење. Поточно, првите девет букви на глаголското писмо (Аз, буки, веди, глаголи, добро, ест живете, ѕело, землја), ја изрекуваат пораката: Јас кој ги познавам буквите зборувам дека е добро да се живее на земјата. Таа мисла го потврдува ставот дека познавањето на буквите и писменоста се темели на добриот живот.“

      *овој документ е дел од бесплатниот глаголски пакет од господинот Ласко Ѓуроски на кој му сум неизмерно благодарна. Во него има теоретски делови кои може да бидат многу корисни за наставниците.

      9. Учениците добиваат листови на кои е напишана глаголицата и со секоја буква од глаголицата стои нејзината соодветница во денешната наша кирилица. Се користат и новите графеми кои ги дизајнира Ласко Ѓуроски. Според претходно даден или нацртан на табла шаблон, учениците пишуваат наслов на неко краток текст на глаголица.

      Пример за шаблон кој би симулирал бланко страница од некој глаголски ракопис. Го направив во Ворд со додавање на форми. Учениците може да гледаат на интерактивна табла и да пишуваат во тетратките нешто слично, пришто ќе си го украсуваат и бојат.

      Како примери би можеле да стојат пред нив некој од овие листови:

      10. И за крај ДОМАШНА РАБОТА

      ако е изводливо овие активности може да се работат и на час, воннаставно, на додатна настава, проектна настава… како милува наставникот

      • Најди споменици, фрески, икони, други претстави, на кои се изобразени св. Кирил и св. Методиј. Пронајди ја нивата локација и запиши ја на фотографијата (скрин шот) испрати ги каде што е договорено со наставничката (папка на OneDrive, Вибер група, ClassNotebook, не дај боже на месинџер и сл.

      – Разгледај ја глаголицата. Кои симболи можеш да ги препознаеш? Најди го значењето на тие симболи во Речникот на симболи или разговарај со некој од домашните. (крст, круг, триаголник. Крстот е симбол на христијанството, триаголникот е симбол на Света Тројца. Отец, Син и Свет Дух, а кругот симбол на бесконечност и совршенство)

      – нацртај ги св. Кирил и Методиј (ова за оние ученици кои сакаат да цртаат, не да биде задолжително)

      – направи постер во Canva на кој ќе напишеш еден податок кој го научи на часот

      – инсталирај го фонтот глаголица: https://rb.gy/qnjw34 (овде може да се симне бесплатно)

      Напиши нешто и отпечати го, донеси го на час. Или сними го и препрати го. Напиши го: твоето име, името на симпатијата 😊 напиши некоја тајна или раскажи некоја интересна случка, напиши ја твојата омилена песна од македонски автор…

      • Гледајќи ги буквите од глаголицата, преведи го следниот текст:

      Согласките на крајот од зборовите (Обезвучување)

      ВОВЕДЕН ДЕЛ:

      Наставничката поставува прашања од изучениот материјал од фонетика, а учениците се потсетуваат на претходните знаења и ги одговараат прашањата. За испрашувањето ја користи техниката змија: На хартија има нацртано змија чие што тело е поделено на 14 делови. Секој дел е означен со броеви. Учениците, доброволно се јавуваат и одбираат број. Наставничката лепи стикер на бројот од змијата и им го чита прашањето. Ако не го знаат, сами одбираат ученик/чка кои ќе го одговорат.

      Прашања:

      • Од што е составен текстот?
      • Од што се составени речениците?
      • Од што се составени зборовите?
      • Од што се составени слоговите?
      • Што одговара на секоја буква?
      • Колку гласови има во македонскиот јазик?
      • Што е гласот?
      • Како се вика науката што ги проучува гласовите?
      • Kако се делат гласовите?
      • Што се согласки?
      • Што се самогласки?
      • Која согласка може да има функција на самогласка?
      • Како се делат самогласките според звучноста?
      • Што претставуваше едначење на согласките по звучност?

      ГЛАВЕН ДЕЛ:

      Откако се заклучува дека е совладан материјалот за едначење на согласките, наставничката започнува со новата наставна содржина. На учениците им дели листови на кои има напишано зборчиња. Секој ученик влечи по едно. Нивната задача е да го препишат зборчето во тетратката и еден по еден да ги прочитаат.

      Наставничката поставува прашање: Дали тоа што го прочитавте исто се запишува? Учениците забележуваат дека на крајот од зборот имаме промена на гласот. Наставничката користејќи го ѕидниот весник демонстрира дека сите примери ја содржат гласовната промена: обезвучување на согласките на крајот од зборот.

      Бара од учениците, гледајќи ја табелата да кажат која звучна согласка преминала во безвучна. Ги слуша внимателно и ако има потреба се вклучува со дообјаснувања.

      Наставничката го диктира во тетратката она до што се дојде:

      Гласовната промена кога звучните согласки на крајот од зборот се изговараат како безвучни се вика ОБЕЗВУЧУВАЊЕ НА СОГЛАСКИТЕ.

      Потоа бара од учениците да ги членуваат зборчињата што ги добиле. Запишува на таблата неколку примери: леб-лебот. Им образложува на учениците: ако некогаш не се сигурни која буква треба да стои, нека го членуваат зборот и така нема да погрешат.

      ЗАВРШЕН ДЕЛ:

      Им дели на учениците наставни листови во кои учениците треба да ги пронајдат грешките и да ги запишат речениците како што е правилно. Дискутираат за секој пример одделно:

      Наставен лист:

      1. Денес беф в грат.
      2. Мечката јаде мет.
      3. Нис дворот протрча еш.
      4. Отидоф в грат и купиф орис, леп и прас.
      5. Заврна силен дош.

       Наставничката им лепи на таблата веќе нацртан крстозбор на кој се напишани дел од зборовите. Учениците треба да ги пронајдат останатите, со тоа што знаат дека се работи за зборови кои во себе ја содржат гласовната промена обезвучување. Ако нема време од часот, наставничката го лепи табакот и го остава да го решат на одморот. Од акростихот кој произлегува од крстозборот, таа се збогува со учениците.

      П р а в
      Р и д
      И Г Л А
      Ј А С Н О
      А В И О Н
      Т А Т К О
      Н о ж
      О б р а з

      *За реализација на воведната активност им благодарам на ученичките од IX – 4 одд. што ја нацртаа и украсија змијата. Создадоа ресурс кој ќе се користи во иднина.

      АКО ЗНАЕШ ПРИДАВКИ, МОЖЕШ ДА СТАНЕШ МИЛИОНЕР

      Еве интересен начин да се вежба за придавки. Благодарение на наставничката Гордана Јованоска по информатика (која што направи милионер за потребите на наставата по информатика), учениците Давид Стојановски и Никата Ристески, следејќи го тој пример создадоа милионер за придавки. Неговата најдобра примена е ако во училиштето има Smart – табла, но исто така може да се игра и на компјутер. Забавата е гарантирана 🙂