Две втори места на литературни читања

14375359_590103114495537_695904641_o

Ученичката Јована Стојческа од IX –  4 одделение е добитник на две награди (две втори места) на литературните конкурси по повод патроните празници на училиштата: „Добре Јованоски“ – Прилеп и средното училиште „Наум Наумовски – Борче“

Честитки за ученичката, нека ја следат уште многу успеси!

Наградените песни:

За Крушево

На Втори август Илинден светол
Крушево слави секое лето.
Се собираат сите, младо и старо,
насмеани, среќни, со насмевка ведра
на Мечкин Камен, споменик знаен
го празнуваат секој Илинден значаен.
Во илјада деветстотини и трета
година мачна, година клета,
во Крушево гратче славно,
се создала република рамноправно.
Никола Карев бил нејзин претседател прв
кој во нерамна борба со турски аскер
деветстотини и петта ја пролеал својата крв.
Питу Гули, војвода Илинденски
одел гордо напред со својата чета,
но на Мечкин Камен тој храбро загинал
од турската рака клета.
Крушево-гратче на Балканот мало,
и други познати личности дало.
Една од нив беше и нашиот Тоше,
ангел со милозвучен глас
кој со сите негови испеани песни
не` мамеше сите нас.
Но и тој на небото ангел стана,
ни остави во срцето длабока рана.
Останаа песните да ги пееме,
зашто само така душата да си ја залечиме ќе успееме.
И денес, ако појдеш во ова гратче мало,
потсети се што тоа во историјата дало.
На Мечкин Камен, Македониум и гробот на Тоше појди
и оттаму со убави спомени дојди.
Сето тоа врежи го во срцето,
сеќавај се на Крушево со насмевка на лицето.

Што е слободата

Слободата е шарено цвеќе
во градина што цвета,
слободата е златокрила птица
на небо слободно што лета.
Таа е сонце што силно не грее,
таа е детенце што милозвучна песна пее.
Во ливада црвена булка,
бебе што мирно спие во лулка.
Ветар што знаменце вее,
мајка што над сите нас бдее.
Бистра вода што течи,
песна што насекаде ечи.
Насмевка на лице што царува,
подарок на сите што се дарува.
Низ ливада што шета девојка мила
облечена во фустан од свила.
Птици што сакаат слободен лет,
деца што барат слободен и мирен свет.
Ајде сега да се фатиме рака за рака
без никаква тешкотија и мака,
орото на слободата да го развееме
за неа песна да запееме

Учество на проектот: „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата”

IMG_3960

Во четвртокот попладнето заврши еднонеделниот тренинг-семинар кој беше наменет за контекстуална обука за изградба на мир на наставници и стручни соработници. На еднонеделната обука учествуваа 22 наставници и стручни соработници. Вклучени беа осум училишта: ООУ „Вук Караџиќ“ – Куманово; ООУ „Наим Фрашери“- Куманово; ООУ „Климент Охридски” – Прилеп; ООУ „Лирија” – с. Житоше, Долнени; ООУ „Хасан Приштина“ – Чаир, Скопје, Врапчиште; ООУ „Сали Лиси“ – Добри Дол Гостиварско; ООУ „Наим Фрашери“ – с. Неготино, Гостивар и ООУ „Јан Коменски“ – Карпош, Скопје.

Главна цел на проектот: Процесите на интегрирано образование, зајакнати во училиштата и со зголемена јавна поддршка, даваат придонес кон мирот и стабилноста на државата.

Специфични цели:

  • Испитување на можностите за развој на процесот на меѓуетничка интеграција во образованието (МИО) преку давање поддршка на училиштата кои се заинтересирани за напредок на овој компликуван процес
  • Зголемени капацитетите на наставниот кадар и стручните служби во училиштата за спроведување на активности поврзани со меѓуетничка интеграција во образованието (МИО)
  • Развиен прирачник како поддршка во работата на наставниот кадар за имплементација на МИО работилници
  • Препораки за политики во образовните институции, развиени заедно со целната група, за имплементирање во интегрираниот образовен систем;
  • Зголемување на јавната поддршка за интегрирано образование.

Носител на проектот: Здружение Мировна акција во соработка со Центарот за мировни студии од Хрватска.

Главен финансиер на проектот: Делегација на Европската Унија во Република Македонија.

Впечатоците се неописливи. Програмата беше интерактивна, разновидна и многу интересна. Преполна со искуствени работилници, дискусии, работа во групи, теоретски импути, презентации… Тренерскиот тим беше на нивото. Секогаш заедно со нас, постојано присутни на сесиите и надвор од нив. Посветени и желни навистина процесот на МИО – тоа да успее. Групата беше мотивирана, иако различна по многу работи: пол, религија, етничка припадност, вредности, убедувања… баш изгледаше како нашата заедничка Македонија. И тоа дружење покажа дека можеме заедно да најдеме решение да ни биде убаво.

Во исчекување на натамошните чекори од проектот… се радувам што бев дел од ова случување и чест ми е да продолжам да работам со овие луѓе, со кои ја делиме истата цел: ПОДОБРО УТРЕ ЗА СИТЕ НАС!!! IMG_3812

Прво место на конкурсот за иновативни практики за МИО

 

 

Постерот од активноста:    We-are-Making-a-Childrens-Magazine

Денес бев дел од една убава манифестација: Фестивал на иновативни практики. УСАИД во соработка со МЦГО направија 450 наставници од Македонија да се чувствуваат пријатно. Ја имав таа среќа да бидам една од нив, и не само една од нив, да бидам прва, да добијам признание, чест, почит, награда за мене и за моето училиште.

Ми беше чест да бидам дел од фестивалот. Браво за УСАИД и МЦГО, браво бидејќи ги согледаа работите за кои многумина немаат храброст да зборуваат. Браво за проектот „Меѓуетничка интеграција во образованието“, за неговата идеја, за целите кои ги има поставено и за капацитетите што ги гради.

Потребата за овој проект е од суштинско значење. Таа е во доменот на изградба на мир во нашата земја. Македонија е земја во која живеат различни етникуми, различни култури и религии. Тој факт не треба да нè уплаши, да нè спреми да се повлечеме во нашите идентитети, туку треба да нè поттикне, да нè предизвика да работиме заедно. Да градиме иднина која нема да личи на оваа наша страшна сегашност.

Сведоци сме на сегрегација во училиштата, на гетоизираност по етничка и верска основа. Живееме во исти градови, во исти села, во иста земја и не можеме да се разбереме меѓу себе. Сликата за „другиот“ е секогаш негативна и полна со предрасуди и стереотипи. Не сме го запознале „другиот“, а веќе собираме аргументи дека „тој“ навистина е зол.

Ако вака продолжиме, не 2001, ќе нè стигни нешто многу полошо. Ќе се изгубиме себе си, земјата, сè што сме граделе и создавале. Ќе се збришеме сите, без разлика на верата и етничката припадност.

Затоа МИО-то е од огромно значење за иднината на нашите деца, за нашата иднина.

Ги храбрам Министерството и Бирото за развој, поинтензивно да ја имплементираат Меѓуетничката интеграција во училиштата. Да работат на изградба на капацитети. Потребно е неформално образование за наставниците. Потребна е едукација за методологијата на работа, но пред сè и над сè е најважна сензибилизацијата на наставниците и стручните соработници. Ние треба да знаеме што е тоа дискриминација, стереотип, предрасуди, да се преиспитаме себе си, кои се нашите слики за другите, како до изградба на мир… па потоа, можеме тоа да го пренесеме на децата.

Предметот македонски јазик е еден од најподатливите наставни предмети во кој може многу лесно да се имплементираат различни теми. Токму поради тоа, јас со голема леснотија вметнувам теми од мировното образование и редовно ги споделувам на интернет.

Мојата скромна едукација во темите поврзани со мировното образование, соочување со минатото, разрешување конфликти, ненасилство и сл. ја имам стекнато во основни и напредни тренинзи за изградба на мир од здруженијата: „Мировна акција“ – Прилеп-Тетово и Центар за ненасилна акција – Белград-Сараево. Овие тренинг програми топло им ги препорачувам на сите кои сакаат да бидат иновативни и успешни во процесот на мултиетничката интеграција.

Самостојна мултикултурна активност: ПРАВИМЕ ДЕТСКО СПИСАНИЕ

Ова е часот со кој учествував (заедно со VI – 1 одделение) на конкурсот произлезен од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието имплементиран од страна на Македонски центар за граѓанско образование. Часот ќе биде дел од Фестивалот за иновативни практики за меѓуетничка интеграција во образованието: „Преку иновација до подобра интеграција”.

„Лудориите на Маша“ – настап на драмската секција на Годишната програма 2016

На овогодинешната Годишна програма, драмската секција се претстави со драмскиот текст „Лудориите на Маша“. Мотивирани од популарниот цртан и од палавштините што ги прави Маша, решивме оваа година да ги измешаме ликовите од бајките и детските книги и да ги одведеме во светот на Медо и Маша.

Во овој проект учествуваа 16 ученици. Нивните заслуги, вклученоста на родителите кои помогнаа со костимографија и кореографија (особена благодарност на Татјана Кокондоска и Роберт Нинески) направија овој проект да биде уште поубав. Сценографијата беше дело на наставникот Влатко Николоски кој исто така помогна и за дел од костимите.

Процесот на подготовка беше многу инспиративен. Претставата ја смисливме заедно, дискутиравме, додававме, одземавме. Моите драмски надежи се полни со идеи и голем дел од она што можете да го видите на видеото е нивно дело. Им благодарам на сите за соработката.

Лудориите на Маша

 

 

Интервју – поим

Учениците од шесто одделение на часовите учеа што е интервју и како тоа може да се направи. Најпрвин во склоп на самостојна мултикултурна активност, тие интервјуираа четворица граѓани на Р. Макеоднија од различни етнички групи. Потоа, во групи, заеднички подготвија прашања, истражуваа и интервјуираа наставници, директор и стручна служба.

Еве дел од нивните изработки:

 

Кратки филмови

За време на зимскиот распуст учениците имаа задача да снимат кратки филмови на две теми: Еко-тема или тема Непослушност. Оваа активност беше спроведена во сооднос со годишното планирање, според кое учениците учеа како се снима филм. Кои се подготовките за знимање. Па на часовите работеа синопсис, сценарио и според нив подоцна ги снимаа фимовите. Еве дел од нив:

Грижете се за природата и внимавајте на однесувањето

Загадена природа

Непослушен човек

Силјан Штркот

Филмот Силјан Штркот – снимен и монтиран од ученикот Леонардо Маркоски на овогодинешниот регионален натпревар на млади техничари и природници, во категоријата кино-техника го освои првото место и обезбеди пласман на олимпијадата.

Час на отворено – раскажување и прераскажување

20160421_105158

Во книжарниците од „Просвето дело“ има картички со сликички и азбука на повеќе јазици. На Саемот на книги ги купив картичките со македонската азбука, мислев да ги користам на часовите со учениците со посебни потреби. Се испоставид ека идејата за нивното користење е одлична. Едно од тие „искористувања“ е и овој час:

Најпрвин учениците стојат во круг и секој од купчето со картички влечи една картичка. Потоа со играта 1,2,3 се прават групи. во зависност колку групи требаат, до таја бројка се игра. Ние игравме до 5. Најчесто учениците застануваат еден до друг, како што се дружат. Оваа вежба  ги „разделува“ најдобрите другарчиња, и создава простор за градење на групата, бидејќи групите спонтано се создаваат. Децата кажуваат по еден број: 1, 2, 3, 4, 5. Потоа одново 1, 2, 3, 4, 5 и така неколку пати додека не се стигне до првиот 1. Единиците се една група, двојките друга и т.н.

Секоја група има онолку картички колку што има ученици во неа. Задачата е да раскажат краток текст во кој ќе ги вметнат поимите од картичките. Текстот го создаваат заеднички. Потоа го читаат пред класот. Вториот дел од задачата е учениците да го прераскажат тоа што го слушаат.

This slideshow requires JavaScript.

 

Посета на градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

20160428_110404

Пред празниците, кога времето беше убаво и топло, учениците од VI – 1 беа во посета на градската библиотека „Борка Талески“. Во согласност на годишното планирање на наставата по македонски јазик, учениците имаа отворен час во кој научија многу работи. пред сЕ се запознаа со библиотеката, со начинот на зачленување. Научија како да пребаруваат во картотека или како да ја користат електронската база на податоци. Ѕирнаа во магацинот и се восхитуваа од купиштата книги убаво нардени на полиците. Вработените во библиотеката беа љубезни и ни покажаа и како изгледа детскиот дел, одделот за странска литература и секако, она со што ние се гордееме: Роднокрајниот оддел во кој има книги од наши сограќани.

This slideshow requires JavaScript.

Четврто место на Олимпијадата за млади техничари и природници

2016-04-09 14.25.13

Вчера се одржа 70 -та по ред Олимпијада на млади техничари и природници во Куманово, во ООУ „Кочо Рацин“. Нашиот град се претстави со 20 тина ученици заедно со своите ментори. Народна техника од Прилеп може да се гордее со многу освоени места. Едно од тие места е и нашето. Леонардо Маркоски од VIII – 4 одделение е младиот режисер кој за прв пат се обиде да биде дел од ова случување.

Под мое менторство и со поддршка и воведување во светот на филмот од страна на Анастасија Бошкоска и Оливер Ангелески, Леонардо направи два филма, од кои подобриот го однесе на Олимпијадата. За жал најпрвин се` изгледаше дека ќе е објективно и според правилата, а на крај местата ги заземаа некои кои не го заслужиле ни последното… но да не испадне дека плачам оти не сме освоиле медал, ќе речам само дека сум разочарана од тоа што го видов, пред очите на мојот ученик, ама се радувам за она што Лео за кратко време успеа да го направи. Филмот „Куцкамен“ беше мојот фаворит.