Интервју – поим

Учениците од шесто одделение на часовите учеа што е интервју и како тоа може да се направи. Најпрвин во склоп на самостојна мултикултурна активност, тие интервјуираа четворица граѓани на Р. Макеоднија од различни етнички групи. Потоа, во групи, заеднички подготвија прашања, истражуваа и интервјуираа наставници, директор и стручна служба.

Еве дел од нивните изработки:

 

Кратки филмови

За време на зимскиот распуст учениците имаа задача да снимат кратки филмови на две теми: Еко-тема или тема Непослушност. Оваа активност беше спроведена во сооднос со годишното планирање, според кое учениците учеа како се снима филм. Кои се подготовките за знимање. Па на часовите работеа синопсис, сценарио и според нив подоцна ги снимаа фимовите. Еве дел од нив:

Грижете се за природата и внимавајте на однесувањето

Загадена природа

Непослушен човек

Силјан Штркот

Филмот Силјан Штркот – снимен и монтиран од ученикот Леонардо Маркоски на овогодинешниот регионален натпревар на млади техничари и природници, во категоријата кино-техника го освои првото место и обезбеди пласман на олимпијадата.

Час на отворено – раскажување и прераскажување

20160421_105158

Во книжарниците од „Просвето дело“ има картички со сликички и азбука на повеќе јазици. На Саемот на книги ги купив картичките со македонската азбука, мислев да ги користам на часовите со учениците со посебни потреби. Се испоставид ека идејата за нивното користење е одлична. Едно од тие „искористувања“ е и овој час:

Најпрвин учениците стојат во круг и секој од купчето со картички влечи една картичка. Потоа со играта 1,2,3 се прават групи. во зависност колку групи требаат, до таја бројка се игра. Ние игравме до 5. Најчесто учениците застануваат еден до друг, како што се дружат. Оваа вежба  ги „разделува“ најдобрите другарчиња, и создава простор за градење на групата, бидејќи групите спонтано се создаваат. Децата кажуваат по еден број: 1, 2, 3, 4, 5. Потоа одново 1, 2, 3, 4, 5 и така неколку пати додека не се стигне до првиот 1. Единиците се една група, двојките друга и т.н.

Секоја група има онолку картички колку што има ученици во неа. Задачата е да раскажат краток текст во кој ќе ги вметнат поимите од картичките. Текстот го создаваат заеднички. Потоа го читаат пред класот. Вториот дел од задачата е учениците да го прераскажат тоа што го слушаат.

This slideshow requires JavaScript.

 

Посета на градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

20160428_110404

Пред празниците, кога времето беше убаво и топло, учениците од VI – 1 беа во посета на градската библиотека „Борка Талески“. Во согласност на годишното планирање на наставата по македонски јазик, учениците имаа отворен час во кој научија многу работи. пред сЕ се запознаа со библиотеката, со начинот на зачленување. Научија како да пребаруваат во картотека или како да ја користат електронската база на податоци. Ѕирнаа во магацинот и се восхитуваа од купиштата книги убаво нардени на полиците. Вработените во библиотеката беа љубезни и ни покажаа и како изгледа детскиот дел, одделот за странска литература и секако, она со што ние се гордееме: Роднокрајниот оддел во кој има книги од наши сограќани.

This slideshow requires JavaScript.

Четврто место на Олимпијадата за млади техничари и природници

2016-04-09 14.25.13

Вчера се одржа 70 -та по ред Олимпијада на млади техничари и природници во Куманово, во ООУ „Кочо Рацин“. Нашиот град се претстави со 20 тина ученици заедно со своите ментори. Народна техника од Прилеп може да се гордее со многу освоени места. Едно од тие места е и нашето. Леонардо Маркоски од VIII – 4 одделение е младиот режисер кој за прв пат се обиде да биде дел од ова случување.

Под мое менторство и со поддршка и воведување во светот на филмот од страна на Анастасија Бошкоска и Оливер Ангелески, Леонардо направи два филма, од кои подобриот го однесе на Олимпијадата. За жал најпрвин се` изгледаше дека ќе е објективно и според правилата, а на крај местата ги заземаа некои кои не го заслужиле ни последното… но да не испадне дека плачам оти не сме освоиле медал, ќе речам само дека сум разочарана од тоа што го видов, пред очите на мојот ученик, ама се радувам за она што Лео за кратко време успеа да го направи. Филмот „Куцкамен“ беше мојот фаворит.

 

http://https://www.youtube.com/watch?v=ywMExjjdDgE&feature=youtu.beka

 

ГЛАСНО ГОВОРИМЕ

20160310_121632

Во рамките на наставната програма, решивме наставната единица: Поим за говор, да ја сработиме искуствено. Имено, откако го работевме текстот „Цвеќе на мирот“. Дознавме кој е Цветин, и како тој зборува пред својата публика. Потоа пристапивме теоретски:

„За секоја една минута јавно говорење, потребен е еден час подготовка.“

Потребни работи за добар јавен настап:

  • Совладување на стравот и тремата пред јавен настап
  • Правилна употреба на глас и дикција
  • Правилна употреба на говорот на тело во презентирање
  • Развој на самодовербата и сигурноста во настапот
  • Учење на техники за подготовка на говор и презентација
  • Шема, композиција или редослед на говорот (излагањето)
  • Реакција на забелешки, прашања и напади
  • Контакт со очите
  • Динамичност, комуникација со публиката
  • Ги убедуваш останатите дека ти си во право.

Подготовка:

  1. Одбирате тема
  2. Ја разработувате, барате цел поради која го држите говорот
  3. собирате аргументи кои ви го поткрепуваат кажаното
  4. ја убедувате публиката во своите искази преку примери
  5. завршувате со заклучок.

Најпрвин мислев дека ова ќе биде интересна вежба за неколкумина. Но испадна дека децата сакаат да играат улоги. Сите сакаа да настапат. Се спремија добро, говорите беа прекрасни. Од таа нивна огромна желба произлезе и училиштниот натпревар во кој имаше 22 финалисти. Тешко им беше на 14 те ученици кои беа жири-комисија да одлучат, сите дечиња беа беспрекорно спремни, само нијанси во настапот. Текстовите на говорите кај сите беа многу добри.

This slideshow requires JavaScript.

На натпреварот првото место го делеа: Филип Крстески и Иван Крстески. Второ место: Мила Николоска, Михаела Јанеска, Теона Стојческа, Климентина Котеска, Веселина Јованоска. Трето место: Никола Илијоски, Андријана Лимбевска, Сара Нинеска и Леонарда Кајџаноска.

Не можам да ви опишам колку многу енергија имаше во нивните настапи.Можам само да ви предложам врски до дел од нив и до говорите што ги држеа, па вие сами може да се уверите во она што го кажувам. Секоја чест ученици, се гордеам со вас!!!

https://youtu.be/_gvr-PM2dmI

http://https://youtu.be/IoQyF-fngBE

http://https://www.youtube.com/watch?v=oQkVdja7qpo

http://https://youtu.be/rKgPSPWLxQM

http://https://youtu.be/M1xA7Xi62kI

http://https://youtu.be/6YKxuZf87cw

http://https://youtu.be/yuCzJFe4zHY

http://https://youtu.be/3zDRX3te0Tc

http://https://youtu.be/p9EsxbNTuZQ

http://https://youtu.be/HtZgO-MQItY

Визуелни и аудитивни елементи

Иако времето беше смуртено, ние решивме, бидејќи ветивме од порано, да го држиме часот надвор. Се облековме, зедовме книги за седење 🙂 и тетратки и пенкала за пишување.

Во училишниот двор беше пријатно. Ги ставивме книгите за седење и седнавме во круг.

Учениците ја работеа следната активност:

Ги затварате очите, заспивате. Замислете се покрај едне убав сончев брег. Се шетате покрај морето и дишите длабоко од свежиот утрински воздух. Ја мирисате морската сол. Ги слушате плискањата и брановите. Се` е мирно и тивко. Нема никој на брегот. Небото е сино. Се гледаат одалеку прекрасни птици кои радосно пејат и летаат во кругови.

Одеднаш здогледувате во далечините еден чамец. Во него има еден човек. Тој се приближува кон брегот и мафта со рацете. Вика по вас. Ве повикува да дојдете во кајчето и да се возите по морската широчина. Вие се радувате. Ги соблекувате влечките и блузичката. Спремни во костимот за капење се стрчувате кон морето.  Ја чувствувате ладната вода, ама не вие  проблем. Убаво ве разладува. Ги слушате вашите плискања во водата.

Испливувате до човекот. Ви подава рака и се качувате на кајчето. Се чувствуате прекрасно. Мирно е, морето е сино и се бранува нежно. Птиците сега се поблизу до вас. Ги слушате убаво како пејат. Молчите и го гледате синото небо на кое нема ниту едно облаче. Се слуша плискањето на брановите во кајчето… се будите…

Откако ќе се разбудат одговараат на следните прашања:

Какво беше небото? Како изгледаше човекот? Носеше капа? Во која боја беше? Што слушавте? Што видовте?

Дечињата имаа многу интересни одговори: небото кај сите беше сино, а човекот имаше капа во сина, жолта, бела, црвена боја. Имаше мустаќи, имаше брада, немаше брада, немаше мустаќи. Беше во морнарска облека, носеше маица. Во водата имаше делфин кој испушташе прекрасни звуци, птиците беа галеби, морето беше сино, ги слушаа брановите, плискањата на кајчето, ги чувствуваа камчињата и песокот…

На овој начин учениците разбраа што се тоа визуелни и аудитивни елементи. Ги извадоа тетратките и ги напишаа дефинирањата заедно со дел од примерите кои искуствено ги стекнаа од вежбата

Потоа стануваат и стојат во круг. Повторно заспиваат. Еден ученик започнува приказна, кога ќе го допре со рака ученикот до него, тој ја продолжува. И така се` додека не се стигне повторно до првиот ученик. Учениците фантазираат и ја продолжуваат приказната.

Кога ќе се разбудат споделуваат што видоа и што слушнаа.

На крајот од часот, бидејќи ни останаа пет минутки, сработивме уживајзери (игри за размрдување).

Комуникациски дијалог – работилница: Активно слушање

Во склоп на наставната едница: Комуникациски дијалог со учениците од шесто одделение направивме работилница за активно слушање. Учениците искуствено се запознаа со правилата и начините на општење. Еве како течеше часот:

Наставничката ги дели учениците на парови. Најчесто пар се оние што седат во клупа, но ако има потреба може да направи парови со разместување.

Учениците имаат задача да разговараат на тема: МОЈАТА ПРВА ТЕПАЧКА ИЛИ КАВГА. Но кога едниот зборува, другиот не смее ништо да кажува ниту да прашува, слуша внимателно и се обидува да запомни сè што кажал неговиот партнер. Значи едниот ученик почнуваат со раскажување за својата прва тепачка или кавга, партнерот го слуша внимателно, штом заврши, парафразира, прераскажува, повторува што слушнал и чека потврда од партнерот дали сè запомнил како што е кажано. Потоа се прави истото, но во обратен редослед.

На овој начин учениците директниот исказ го претвораат во индиректен и истовремено учат како да бидат добри слушатели, како активно да слушаат.

Откако ќе завршат, зборуваат на темата КАКО ГО ДОБИВ ИМЕТО ИЛИ ПРЕКАРОТ. Но сега, нема знак, може да почне кој сака и меѓусебе може да си поставуваат прашања поврзани со темата.

Третата тема е САКАМ ДА СЕ ТИ СЕ ПОЖАЛАМ ЗА… но сега по еден од парот доаѓа кај наставничката и добива задача кога неговиот партнер ќе почне да раскажува, тој/таа да не го слуша, да се прави дека го слуша и да се занимава со нешто друго.

Целиот процес е опсервиран од една ученичка која подоцна ќе даде свое мислење за однесувањето на учениците.

Откако трите активности ќе завршат, наставничката поставува прашања и отвора дискусија:

ДИСКУСИЈА:
Прашања за тие што раскажуваа:
1. Како се чувствувате?
2. Дали ви значеше да бидете слушнати?
3. Дали се обидовте да го привлечните вниманието на вашиот соговорник?
4. Што би направиле за да бидете слушнати?
Прашања за тие што „слушаа“:
1. Дали ви беше интересно тоа што ви се раскажуваше?
2. Дали се преправавте дека слушате?
3. Зошто не му кажавте на соговорникот дека ви е досадно?
4. Дали требаше да му речете на соговорникот дека ви е досадно?
Прашања за сите:
1. Каде можеме да сретнеме ваков вид комуникација?
2. Зошто тоа е така?
3. Зошто не слушаме активно?
4. Што подразбираме под активно слушање?

Потоа заеднички се доаѓа до следните заклучоци:

ШТО ПРАВИ ДОБРИОТ СЛУШАТЕЛ:

  • Не прекинува,
  • го гледа соговорникот в очи,
  • не напаѓа,
  • не зборува за себе си,
  • слуша заинтересирано и стрпливо
  • остава тишина во паузите во кои соговорникот размислува
  • го прифаќа тоа што го зборуваш
  • не наметнува свои ставови
  • се смешка
  • охрабрува со гестови и мимики
  • дава поддршка
  • не навредува и не омаловажува
  • не се прави паметен.

 

 

Изразни форми на драмските ликови

 

2016-02-03 10.45.41
Скриен диригент

 

 

This slideshow requires JavaScript.

Го искористивме убавото време кое за жал го снема денес. Излеговме надвор и учевме за изразните форми на ликовите во драмите. Па имавме монолог, дијалог, пантомима проследена со гестови и мимики и се разбира на почеток и мало загревање со игри популарно наречени енерџајзери или јас би рекла уживајзери 🙂

Беа искористени игри во кои децата беа максимално вклучени и низ игра и забава научија како актерите ги изведуваат своите улоги на сцена:

  1. Куќа-станар (игра за загревање)
    Учениците се групираат во куќи и станари. Еден ученик е надвор. Куќа се два ученици фатени за рака. А станарот е ученик кој влагува меѓу нив. Ученикот што е надвор вика:
    – куќите менуваат станар
    – станарот менува куќа или
    – земјотрес.
    Кога ќе се каже куќите да менуваат станар, станарите не се помрднуваат, а куќите премнуваат на друг станар.
    Кога станарите менуваат куќи, куќите не се помрднуваат а станарот влегува под други ученици.
    Земјотрес значи дека тој што бил куќа сега може да биде станар или да си го промени партнерот со кој што бил куќа.
  2. Таен диригент: Еден доброволец излегува од групата. Останатите учесници од групата меѓусебе одбираат еден кој ќе прави одредени движења. Сите се наредуваат во круг и ги повторуваат тие движења. Ученикот што се наоѓа во средината на кругот се обидува да го открие тајниот диригент. Откриениот диригент излегува надвор и играта се повторува – ДВИЖЕЊА – ИМИТИРАЊЕ
  3. Пантомима во групи – Ученците се делат во групи така што во круг кажуваат броеви од 1 до 4, единиците се една група, двојките втора, тројките трета и четворките четврта група. Еден ученик се одделува од групата и со помош на ГЕСТОВИ И МИМИКИ им објаснува некој поим. тој што ќе го погоди поимот го презема неговото место.
  4. Драмски движења: Наставничката чита текст, според текстот учениците треба движејќи низ даден простор да се однесуваат како што слушаат:пр: Станувам, поспан сум. Се проѕевам, се тегнам. Одам полека кон вецето. Ја палам ламбата. Се гледам на огледалото и ја поправам рљазбушавената коса. пуштам чешма и се мијам лице. Се мијам и заби и излегувам. Одам кон трпезаријата и гледам во часовникот. Доцнам за на училиште. Трчам избезумено. Се облекувам набрзнина и трчам кон училиштето…
  5. Дијалози и монолози во групи – Учениците во групи смислуваа краток драмски текст кој го презентираа пред останатите ученици.
  6. Пингвин-пеликан (игра за крај) Еден ученик е пеликан и се движи со отварање и затварање истовремено на едната рака и нога како ножица. Останатите ученици се пингвини и се движат како пингвини. Пеликанот ги брка и штом ги фати и тие се претвораат во пеликани. Играта трае додека сите пингвини не станат пеликани.

Ние уживавме, пробајте и вие 🙂

Дојдете на Чернодрински!!!

2015-11-27 18.59.13

Проектот „Музеите во училиштата и училиштата во музеите“ заврши за оваа година. Драмската секција учествуваше со едно видео: „Дојдете на Чернодрински“ во кое имаше обид да направи промоција и кратка реклама за Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Идејата беше различни ликови од различни престави со своите познати изјави да се стават во функција на пораката.

Сценариото: Климент Охридски – Војдан Чернодрински