Празникот на жената секоја година кај мене создава мачнини… поради тоа што од година во година го губи своето значење… а фактот дека самата жена го придонесува тоа, ме жести уште повеќе.
Поради тоа, јас и моите ученици решивме да го прославиме онака како што ние најдобро знаеме.
Активности кои ги реализиравме:
Дискусии со учениците за значењето на празникот
Заговори за рушење на патријархалниот модел – во кои отворено зборувавме дека нема женски и машки работи, дека во домот обврските треба да се делат и секој да го работи она за што се договорил со останатите.
Работилница за род
Работилница во која учениците сами направија подароци за своите мајки и наставнички
Творење драмски текст за Осми Март
Учество со драмскиот текст на литературно читање посветено на празникот
Изненадување – честитање празник на наставничките во наставничка канцеларија со драмската точка
bdr
bdr
dav
sdr
bdr
bdr
bty
bty
dav
dav
dav
dav
Мојата порака и честитката на овој празник ќе ви ја пратам со видеото од драмската секција.
Проектот „Ноќ со Андерсен“ започна минатата година. Неколку колеги од нашето училиште (ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп) го предложивме пред Наставничкиот совет, се образложи… се помисли… се гласаше… изгледаше дека ќе го туркаме некако, но како времето минуваше, како се полнеше затворената група на Фејзбук со активности, така и ние – наставниците и учениците, од сега победничкото училиште, изобилувавме со идеи и активности.
Од овој проект произлезе филм кој ја раскажува нашата бајка https://www.youtube.com/watch?v=72ckkA7lEvI но произлегоа и индивидуални финални производи кои и денес се користат во наставата.
Врвот на нештата беше и студиското патување кое го доби координаторот на проектот Каролина Јовеска и јас – Јулијана Талеска, како непосреден учесник во активностите. Во таа насока им благодарам пред сè на Весела Богдановиќ, која ни го покажа овој проект, ни ги отвори вратите во светот на бајките, но и на Ана Хркова и Зузана Путник – наставнички во основно училиште во Ковачица – Војводина, кои во соработка со Општината на Ковачица (благодарност и за претседателот на Општината) обезбедија средства да нè одведат во Словачка.
На ова патување од Македонија учествуваа наградените колеги од Охрид, Прилеп, Велес, Неготино и Скопје.
Идејата на трите креативни наставнички овозможи во трите денови престој во Словачка да посетиме училишта и да се запознаеме со условите и начинот на работа. Исто така бевме примени и во Ректоратот на Банска Бистрица. Сместени, едната вечер во интернат во рамките на средно земјоделско училиште и втората вечер во студентски дом, ние имавме можност да ја запознаеме од прва рака и организираноста на образовните институции. Бевме запрепастени од дисциплинираноста и посветеноста на учениците и студентите. На топлината во објектите и чувството за нешто свое.
Едно од најубавите места беше селото на бајките: Хабкуки, кое беше обвиено во снег кој уште повеќе ја истакнуваше неговата волшебност. Ова село ја претстави грижата на Словаците за својот фолклор, за бајките кои се пренесувале од генерација на генерација, и пред сè за младите генерации. Во секоја куќичка, на лето, се изведуваат најразлични работилници поврзани со приказните: куклени претстави, читања, драматизации…
Последниот ден беше посветен на тричасовна прошетка во Братислава и посета на споменикот на Андерсен. Или како што кажа една наша колешка: „Дојдовме кај оној што нè донесе тука“.
Ако го исклучам долгото и мачно патување, можам да речам дека беше многу интересно. Можноста да се споделат искуства со колеги, да се дискутира на различни теми, да се виде нешто невидено досега е прилика која не се пропушта. Исто така особено ми беше важно што се почнува со пронаоѓање начини да се награди трудот на наставникот.
Споменикот од Андерсен во Братислава
На самиот крај сакам да им се заблагодарам на моите колеги кои беа дел од тимот, но немаа можност да дојдат на патувањето и исто така на учениците кои се најзаслужни за сè што добивме во овие неколку денови. Нивната радост и поддршка значеа уште една награда на која што ѝ нема цена и која не може да се споредува со ништо.
На состанокот од Активот од јазично, естетско и општествено подрачје, го претставив користењето на kahoot во наставата.
Имено, се работи за интернет платформа https://kahoot.com на која што едноставно се логираш, правиш свој профил и можеш да користиш веќе готови тестови, но и да креираш свои. Интересното е во тоа што тие тестови учениците можат да ги решаваат само преку нивните паметни телефони. Апликацијата можат да ја инсталираат преку google play; или да се логираат дирекно на страницата.
1. Што можеме со kahhot?
Интернет алатка која помага да се направи проверка на знаење:
Дијагностичко проверување на претходни знаења
Проверка на совладаното на самиот час (се спроведува 5-10 мин од крајот на часот
Проверка на совладаност на тема, подрачје и сл.
2. Што е потребно?
Интернет
Претходно подготвен квиз/тест
Интерактивна табла или проектор со компјутер
Мобилни телефони (Паметни тел.)
3. Што добива наставникот?
интересно поминат дел од часот
максимална вклученост на учениците
ексел табела во која има аналитичка листа за одговореното
во рамките на истата табела, дополнителна евалуациска табела во која дознава како им се допадна квизот/тестот
4. Што добиваат учениците?
– практично користење на телефоните
– проверка на стекнатото знаење
– забавен начин на учење
Како да се направи профил, квиз/тест може да видите во презентацијата која ќе ја симнете на овој линк kahoot prezentacija