
Претходната недела со учениците од седмо и деветто одделение одлучивме на креативен начин да го честитаме Денот на албанската азбука. Имено, учениците нацртаа, обоија и испечатија букви од албанската азбука. Се сликаа и ученичката Илина Радеска од фотографиите направи колаж. Колажот е честитка со која сакаме да им го честитаме празникот на сите наши пријатели чијшто албански јазик е мајчин јазик. А исто така и на нашите МИО-пријатели од основното училиште „Наим Фрашери“ од Куманово.

Искрените детски срца подадоа рака и покажаа дека се зрели за соживот дури и од дупло повозрасните од нив. Мене, како наставничка и како човек кој го почитува мултикултурализмот, оваа ученичка поддршка ме направи многу среќна.
Во разговор со учениците заклучивме дека е важно да се почитуваат луѓето, особено оние со кои делиш многу работи, а мислиш дека се многу различни.

Разговравме дека како што ние го имаме 5 Мај, така и Албанците го имаат 22 Ноември, и сите други јазици си ја слават азбуката, кодификацијата, правописот… и дека празникот е радост која што треба да се честита, да се сподели.
Треба на другиот да му се покаже почит и признание, така го обврзуваш и тој да се однесува така.
МИО активностите – доброволните и искрените, многу помагаат кај идните граѓани на нашето општество да се развие свесност за почит кон различностите. Она што треба сите ние, а особено младите, да научиме е да не се чувствуваме загрозени во присуството на другиот. А тоа ќе го имаме само кога ќе сме сигурни во себе. Во она што сме и она што го претставуваме. За сите има место под сонцето!
Нека е честит денот!
Urime!