Слушање со разбирање и многу многу повеќе… „Лола и јас“ – Кјара Валентина Сегре

Сосем случајно, додека работев низ дома, на апликацијата Самоглас го пуштив расказот (ако можам така да го наречам, бидејќи изданието е како сликовница) „Лола и јас“. Издание на издавачката куќа „Сказувалка“ во едицијата Кожурец. Текстот ме обзеде целосно и решив да го работам на час. Најпрво мислев да го работам со седмоодделенците, но ефектот кој го постигна ме поттикна да го искористам и со деветтите. Практично заклучив дека е податлив за различни возрасти, во зависност од тежината на задачите. Овде ќе ги изложам двата начини…

Книгата може да ја слушате како аудио-книга (https://www.samoglas.mk/) така што ќе се логирате бесплатно, откако ќе ја симнете апликацијата), но може и да ја порачате или да ја купите од книжарницата (https://knizarnica.skaznuvalka.mk)

            Не можејќи да ја чекам да ми стигне, решив да ја сработам во аудио верзија. Тоа многу помогна да се реализира делот за слушање со разбирање, кој ни претставува предизвик.

Материјали за работа: JBL (блутут звучник и мобилен телефон) и се разбира една тајфа од креативни ученици на кои им светнуваат очињата штом ќе добијат некој предизвик.

Прва задача: Учениците слушаат до 23 секунда (СТОП). Го запирам аудиото и ги поставувам следниве прашања:

  • Што можеме да кажеме за нараторот?
  • Во кое лице се раскажува?
  • Каде живеат Лола и ликот што раскажува? Што се тие?
  • Кон што гледа балконот на станот каде што живеат?
  • На што треба да се внимава во есен, ако се седи на терасата?
  • На која возраст ги замислувате двата лика?
  • Како изгледа Лола? Како изгледа другиот лик? Машко е, женско е?
  • Како изгледа станот? Голем е? Мал е?

Дел од прашањата произлегуваат од она што е слушнато, но дел се и како поттик на нивата фантазија и обид да им стане содржината поинтересна.

Следното слушање е до 34 секунда (СТОП). И повторно неколку прашања кои нужно отвораат дискусии и љубопитство:

  • Каков живот имаше другарката на Лола, нараторката кога се запозна со неа?
  • Што дозна за семејството и за неа?
  • Каква беше Лола кога се запозна со неа?

1:50 (СТОП)

  • Од што беше болна? Дали може да претпоставиме?
  • Зошто беше сама? Зошто не живееше некој со неа?
  • Какви чувства имаше нејзината другарка за Лола?
  • Што правеше за да ја развесели?

Потсетување за ретроспективно раскажување (нешто што е учено од лани):

  • Како се викаше начинот на раскажување што го чувте сега? Навраќањето на нешто што се случило порано?
  • Како дознаваме дека Лола беше тажна? Како го манифестираше тоа? Што правеше во текот на денот? (учениците наоѓаат скриени податоци)
  • Кои заклучоци можеме да ги изнесеме од однесувањето на Лола: Се притиска кон ѕидот кога оди; ја штрекнуваат звуците на децата, свирежите и чрипењата на автомобилите… се стуткува со колената на тротоарот и трепери… Што ѝ е на Лола? (изведуваат заклучоци)

2:32 СТОП

  • Како им одеше напредокот со прошетките, опиши како постепено се менуваа работите?
  • Кој помогна многу за таа промена?

3:50 СТОП

  • Дали секогаш Лола и нејзината пријателка се согласуваа секогаш?
  • По што се разликуваа тие?
  • Каква музика слушаа?
  • Што сакаа да јадат?
  • Кој доби џумка и од што?
  • Дали ти имаш некои ситуации во кои си пострадал поради непромисленоста на пријателот или пријателката. Сподели ситуација во која не сте се согласувале со нешто… кој победува најчесто?

6:07 СТОП

  • Кој е Џовани? Кој е Марио? Што подготвува Марио најдобро?
  • Што прават заедно? Што им е омилено?
  • Кога е топло каде одат?
  • Какво место е киоскот на Џиџи? Што прават таму? Каде се наоѓа тој киоск?
  • Какви пици сакаа да јадат?
  • Кои филмови им беа омилени?
  • Што знаеш за Амазонските Шуми? Каде се наоѓаат? Зошто се важни за нас?
  • Дали Лола и нејзината пријателка сакаат романтични комедии?
  • Какви филмови се тие? Дали ти сакаш да гледаш романтични комедии?

7:40 СТОП

  • Како сака да спие Лола?
  • Како се чувствува нејзината пријателка кога таа ја користи како перниче?
  • Дали и ти имаш некоја ситуација во која не ти е баш најпријатно, но знаеш дека твојот пријател или пријателка тоа им значи многу, па можеш и сакаш да истрпиш за нивно добро.
  • Како се дружат? Каде одат во зима? Што прават?
  • Каде одат во пролет? Како се забавуваат?
  • Каде биле ова лето?
  • Како патувале до морето?
  • Замисли ја оваа сцена, што е чудно во неа? Обиди се да се ставиш себеси како нараторот. Играј ја сцената како да си ти. „Никогаш не сум била на плажа. Морето беше малку разбранувано и брановите се удираа од брегот правејќи бела пена. Кога се доближив за подобро да погледнам, еден бран, подрзок од другите ми го избања носот и не престанав да кивам цели 15 минути“

9:23 СТОП

  • Кој е Микеланџело?Што побарал Микеланџело од нив?
  • Каков сладолед јадеше Лола?
  • Што мислеше нејзината пријателка за таа комбинација од сладолед?
  • Зошто сакаат да ги слушаат звуците од градот? Да слушаат филмови? Да допираат разни ткаенини во продавниците во трговскиот центар?

До крај!

  • Зошто тој ден беше најубав за Лола?
  • Како се викаше нараторката пред да ја запознае Лола?
  • Како ја нарекла Лола?
  • Што е нараторката?
  • Какви се тие кучиња и како може да се препознаат?

Искуството беше несекојдневно. Како само им светнуваа очињата кога ќе сфатеа дека нараторката  е куче, дека Лола е слепа… креативен молк…

Кратко соземање и силна потреба да се сподели кој како мислел, што насетувал… Активноста можеше да престане тука, но решивме да одиме понатаму

Задача 2: Редење на настаните како што ги слушаме.

Искористувајќи ја содржината на расказот, учениците (откако повторно го слушнаа) ги запишуваат редоследно настаните. Така се запознаваат со елементите на прозен текст: фабула и содржина.

(фотографија од таблата)

ФАБУЛА:

Задача 3: Учениците ја раскажуваат содржината на расказот и ја согледуваат разликата. И содржината ја запишуваат во тетратката.

Задача 4: Тука може да се искористи просторот за сензибилизација. Разговор за слепите и слабовидните лица. Запознавање со нивните карактеристики.Учениците се запознаваат со браевата азбука и гледаат книга напишана на тоа писмо.

Задача 5: Листање на сите особености на ликовите и уште една наставна единица поврзан со елементите на прозниот текст. Тука може да се поврзи и со веќе ученото: опис на лик.

Оваа варијанта ја сработив со поголемите.  Учениците ја слушаат целата книга. Додека слушаат си фаќаат белешки врз основа на кои сами пишуваат прашања. Потоа меѓусебно се прашуваа. Ја слушаат уште еднаш и имаат нова задача: Во неа ги бараат деловите каде што нараторката укажува неусетно за тоа дека Лола е слепа, а Ѕвезда е куче. Тоа го запишуваат во тетратка.

Овде е убаво учениците да ја имаат книгата како текст (да гледаат и да читаат, па на самата хартија да означуваат со различни бои и потоа да ја пополнат табелата:

Лола е слепаСаша (Ѕвезда) е куче
– Седеше загледана во празно
– Се врволиме по улиците слушајќи ги илјадниците гласови на градот
– Меки, боцкави, кадифени, шушкави… од креп, од свила, алишта (не купуваат, допираат алишта)
– Во паркот: „Да уживаме во викотниците на децата што играат кај фонтаната“
– „слушаме филм“
– Мирисите се насекаде низ текстот, но и вкусовите: темперни бои и дрво, топли кроасани, сол – мирисот на морето.
– „Решив да се грижам за неа“
– „Секогаш излегува по нејзино (Лола) упатува сладок поглед и не успевам да ја одбијам
– Излегува на терасата, послушно“
– Сака месо (бифтек), пица со кулен
– Лола заспива честопати врз мене како да сум перниче.
– „Никогаш не сум била на плажа“.
– „Морето беше малку разбранувано и брановите се удираа од брегот правејќи бела пена. Кога се доближив за подобро да погледнам, еден бран, подрзок од другите ми го избања носот и не престанав да кивам цели 15 минути“
– Колку е студено кога водата ќе ми го накваси стомакот
– Ветрето ни ги бушавеше косата и крзното…

Се читаат белешките и се дискутира. Како авторката умесно ги реди точките кои упатуваат на двете извонредно скриени работи, кои го прават овој текст неодолив! И овде може да се зборува за слепите лица и за сетилата за мирис и допир, како нешто што е многу важно и силно изразено сосем намерно, во текстот.

Изберете си варијанта и пробајте!

Предавање и работилница (Медиумски клуб К)

Денес во Медиумскиот клуб К учениците имаа можност да добијат едукација како се снима видео и како материјалот да го едититраат во апликацијата Cap-Cut.

Ученичката Мирјана Думбалоска се подготви и на многу високо ниво им ја претстави опремата за снимање на учениците и потоа низ вежба со снимање кратки секвенци ученицте го едитираа материјалот во Cup-Cat. Дел од нив веќе знаеа како се користи, што покажува дека интересот за снимање видеа е голем. Искуството на едитирање на неколку ученички помогна многу да се научат и други „финти“.

Ова е презентацијата којашто ја користеше ученичката:

Овие активности се од особена важност заради одржливост на Клубот. Постарите ученици им го пренесуваат своето знаење на помалите. Сите заедно споделуваат што знаат, а и наставничката научува по нешто 🙂

Во светот на Хари Потер (лектира: „Хари Потер и Каменот на мудроста“)

Светот на Хари Потер е одлична матрица на која може да се реализираат многу работи од наставната програма за деветто одделение. Книгата „Хари Потер и каменот на мудроста“, е сè уште актуелна приказна и изобилува со опции кои може да ги направат часовите интересни и продуктивни. Оваа лектира не е задолжителна, но јас никако не би ја заобиколила.

Во духот на интеграцијата, месец јануари и дел од февруари го посветивме на Хари Потер. Нашиот проект го нарековме: „Во светот на Хари Потер“. Приказната започна пред да заврши првото полугодие. Учениците имаа задача да се „заразат со потеризмот“ и читајќи го романот, требаше да се подготват за авантурата што започна со второто полугодие.

Бидејќи првото полугодие го завршивме со наставната единица: Изразни средства во филм, второто полугодие го започнавме со презентација на проектите изработени од учениците во кои применуваа по избор некое од изразните средства. За да се заокружи тој материјал, второто полугодие го продолживме со гледање кратки видеа во кои се прикажани изразните средства од филмовите за Хари Потер.

 Ја чувме музиката:

https://www.youtube.com/watch?v=UuPb1J_RCJM&list=PLYXfr3Na3Iuf8Kg__C6Fll5bapkVOXp9b

Го гледавме трејлерот на филмот, за да ги заинтересира оние што не го гледале да го гледаат:

Гледавме и видеа како се снима филмот:

како се прават визуелните ефекти:

костими и шминка во Хари Потер:

Овие активности беа вовед во приказната. Видеата помогнаа уште повеќе да се заинтересираат за приказната, некои дури ги наведе и да ги изгледаат сите филмови, помал дел почнаа да ги читаат другите делови од серијалот. На интернет, само со мало пребарување може да се изнајдат многу корисни и визуелно интересни видеа.

Анализата на романот ја започнавме со биографијата на авторката, но не класично читање, туку изнесување на еден факт кој им оставил впечаток. Оваа техника ја користам и за да вежбаме активно слушање. Учениците слушаат внимателно кој факт го споделуваат другите, па кога ќе им дојде ред читаат досега некажан факт или ако сите нивни факти се веќе изнесени, велат: „понатаму“.  Тие факти отворија кратки дискусии: Зборувавме и за родови прашања: за советот на уредникот од издавачката куќа која решила да ја печати првата книга, да стои име кое ќе звучи како да е книгата напишана од маж, бидејќи сметал дека машките читатели нема да купуваат книги од жена. Или тоа што идејата за Хари Потер ѝ дошла додека се возела во воз… дека книгата била одбивана од повеќе издавачки куќи… дека сега Џ.К.Роулинг е многу богата писателка, а пред да ја стекне таа слава била на работ на егзистенција… Сите овие поединости беа убави поуки за сите нас.

Потоа влеговме во филмот 😊 Секој од учениците си направи УЧЕНИЧКА ЛЕГИТИМАЦИЈА

  • На еден дел од тетратката за лектири се нацртаа себе си.
  • Потоа го бараа своето волшебничко име, користевме готови имиња на англиски јазик (ги изнајдов на Printerest има безброј идеи), ние ги преведивме и ги имаме сега за идните генерации волшебници:

Волшебник

 Првата буква од иметоПоследната буква од презимето
А-ВАлбусФлит
Г-ЕАргосЛок
Ж-ИСириусСвит
Ј-МАрсениусДумбал
Н-РПерсиПаркинсон
С-УЕролГош
Ф-ЧДемитриусХафел
Џ-ШВирџилГрин

Волшебничка

 Првата буква од иметоПоследната буква од презимето
А-ВКалипсоДор
Г-ЕМинерваСпарт
Ж-ИАтенаВик
Ј-МКорнелијаПаф
Н-РМирандаХоуп
С-УВиолаХафал
Ф-ЧХермијаСвит
Џ-ШРосалинГрејџер

Потоа следуваше Капата Бирачка. Не ја направиме, иако на интернет има многу видеа кои можат да се искористат за да се направи од картон. Може дури и да се нарача од интернет… Ние едноставно отпечативме ливчиња со бројот на учениците од сите четири куќи и секој влечеше по едно ливче. Среќни беа само Грифиндорците 😊 што покажуваше дека голем дел од нив ја имаат читано книгата и се идентификуваат со главните ликови.

Од поделбата на еден евидентен лист се запишаа сите ученици и низ сите часови посветени на овој проект учениците добиваа плус за активност. На крајот од потеровските часови се избра куќа победник (онаа група која имаше најмногу активност) и ученик на генерацијата (ученик што имаше најмногу плусови). На овие ученици може да им се даде некоја награда, претходно подготвена. Може обележувачи за книги во стилот на Хари Потер… може да се направи пехар… има многу начини кои не мора да чинат многу, а да им останат како спомен.

Во својата легитимација ја запишуваат куќата каде што ги избрала „Капата Бирачка“ и се вклучуваат во разговорот. Дел од учениците ги имаат гледано сите филмови, имаше некои кои ги имаа прочитано и книгите. Па се зборуваше за карактеристиките на волшебниците, за тоа што е ПАТРОНУМ, што е БОГАРТ, АНИМАГУС… и од тоа произлегоа следните особености кои ги запишуваа во својата легитимација:

  • Кој е твојот патронум?
  • Во што се престорува богартот кога ќе го видиш? (кој е твојот најголем страв)
  • Во кое животно се трансформираш? Каков анимагус си?
  • Кое животно го имаш? (Знаејќи дека Хари го има Хедвик, Рон го имаше глушецот, Хермиона портокаловата мачка, Невил жаба… учениците беа креативни па имаа најразлични животни, од лав до камелеон.

Учениците во своите легитимации ги запишаа и своите омилени предмети и неомилени предмети коишто ги слушаат во Хогвортс. Тука чувме многу интересни предмети кои, за жал не се предаваат во нашето училиште 😊: Напивки, Одбрана од мрачни сили, Трансформација, Ботаника, Летање со метла, Волшебни суштества, Историја на волшебниците, Претскажување…

Малку се шегувавме, па дававме наше мислење кои од предметите може да ги предаваат нашите актуелни наставници. Јас го зазедов местото на Минерва Мегонагал 😊 и се радував што не сум професорката Трилони 😊 (иако Ема Томсон многу си ја сакам) некој го спомна и нејзиниот предмет како опција да го предавам јас, ама го изигнорирав.

Учениците запишуваа и какви им се стапчињата. Па имаше многу интересни идеи: ореово дрво и влакно од еднорог. Буково дрво и пердув од паун…

Тие импровизираа со пенкалата кои им станаа стапчиња и ја изведуваа својата омилена магија која ја запишаа од таблата:

Користејќи го речникот на латински јазик https://mk.glosbe.com/la/mk и консултација со професорка по латински јазик сфативме дека авторката многу умешно ги користи латинските корени на зборовите и оформува уметнички зборови кои звучат латински и така ги создава магиите. Не се сите поврзани со конкретни латински зборови. Некои влечат паралели, а некои се целосно измислени и само звучат латински. Па заедно со ученците ги запишавме магиите и клетвите кои најмногу се користеа и низ нивната употреба во филмот ги влечевме значењата:

  • Аксио – кога сакаш некој предмет што е оддалечен од тебе да дојде кај тебе.
  • Редукто – враќа назад, поправа нешто што е расипано (Хермиона му ги пораваше очилата на Хари кога му се кршеа)
  • Импедименто – препрека, пречка. Да се запри некоја клетва која доаѓа кон тебе или да се задржи да не падне на тебе.
  • Протего – заштитува, заштитуваш некој да не му падне клетва нему.
  • Алохамора – да се отвори затворена врата, овде не најдовме поврзаност со латински (recludo – отклучувам, incendo – запалувам)
  • Вингардиум левиоса – некој предмет или човек да лебди во воздух
  • Дифендо – да се одбраниш од магијата што ти доаѓа
  • Експекто патронум – заштитна светлина која зема некоја форма и штити (Хари се заштитуваше од дементорите)
  • Силенцио – некој да го замолчиш, да не му се слуша глас
  • Ступифај се здрвува, се закочува. Оваа магија ја искористи Хермиона на Невил.
  • Експелиамус – брка, истерува, ја трга настрана клетвата. Оваа магија најмногу ја користеше Хари.
  • Круцио – распнување или мачење – смртна клетва што ја користат лошите волшебници.
  • Адава кавадра – директно убивање. Клетвата од која само Хари има преживеано.

Штом се заврши со ученичката легитимација, преминавме на игра. Игравме пантомима. Зборовите кои се објаснуваа беа поврзани со содржината: волшебник, метла, був, Капа Бирачка, волшебно стапче, котел, змија, пајак, глушец, мачка, напивка, еднорог, трол, Хогвордс експрес… може и да се остави на учениците да измислуваат сами.

Еден поголем дел од часот помина во преглед на содржината низ прашања, за кои добија плусови во евидентните листови и токму тие прашања изнудија дискусии и учениците поставуваа многу прашања. Првиот дел отвора многу дилеми, а тие, љубопитни сакаат да знаат како ќе одат работите.

За да може да се одговори на сите прашања или да се мотивираат за да ги читаат треба да се имаат прочитано сите книги. Како направив јас: ги прочитав сите седум книги на македонски јазик, ги изгледав филмовите, потоа ги слушав како аудио книги во оригинал, на англиски јазик. Така, поткрепена со целата приказна, а исто така и со филмовите Фантастични ѕверови, ја имам јасната слика на волшебничкиот свет.

Сметам дека секој наставник треба да ги има овие знаења за да може да создава активности кои ќе им бидат интересни. Дури и да има ученици кои не ја прочитале, а ги гледале филмовите, со нив може да се работи на усно изразување. Да им се даде можност да се истакнат на часот, тоа ќе им ја зголеми самодовербата, ќе добијат желба и да читаат. Сум имала неколку вакви примери, вниманието и давањето простор прави чуда кај децата!

Следна активности ни беше листање на настани кои за учениците беа интересни. Ги запишавме на таблата и потоа секој во својата тетратка ги распореди според нивното значење. Учениците ги оценуваа со броеви од 1 до 10.

Пица: во секое од осумте парчиња од пицата да се запише име од некој од ликовите и да се нацрта симбол кој потсетува на него/неа.

Т-табела, споредба на ликови:

Лов на ликови. Оваа актиност ја искористив од планирањата за овој час од еден мој колега со кого споработуваме и навистина е една од најинтересните, а може да се користи со сите лектири. Имено, учениците запишуваат реченици кои се однесуваат на еден лик, другите треба да го погодат.

Секогаш во анализите на ликовите може да се користат и веќе видените: венов дијаграм и грозд

За да се поттикне фантазијата на учениците: Корица и содржина на еден од учебниците во Хогвордс:

Во таа насока, фантазирајќи, учениците добија и вакви активности:

  • казнет си (размисли што си направил) и треба да одиш во Забранетата шума. Што се случи таму?
  • имаш наметка на невидливост, за што ќе ја употребиш?
  • Што гледаш во волшебното огледало?
  • Дали би го чувал за себе Каменот на мудроста?
  • Кој играч би бил во квидич тимот?
  • Измисли игра, слична на квидич. Како се игра? Кои правила ги има?
  • Хагрид чува некое волшебно суштесво за кое ти бара помош да го причуваш. Што е тоа што ќе чуваш и како си помина со него?
  • И оваа листа може да оди до бесконечност… може и да им дадете на учениците да измислуваат задачи кои другите ќе ги исполнуваат…

Како последна активност беше квизот на кахут: https://create.kahoot.it/details/da568ad3-7842-4341-bca4-ddfe4fc775fd кој може да се преземи од оваа врска.

За учениците со потешкотии во совладувањето може да им се даде да слушаат аудиокнига или да гледаат исечоци од филмот. А може за ученци со посебни потреби да им се отпечатат листови кои може да ги бојат на часот. На Принтерест има низа активности за помалите одделенија кои можат да бидат соодветни за ученици со посебни потреби.

И на самиот крај, кога сите активности се исцрпија, барем оние на кои се досетивме или ги уловивме од интернет, учениците добија задача да размислуваат за некој од ликовите. Се ставија себе си во улога на ученик во Хогвордс и ја раскажаа својата приказна во писмениот состав за кој допрва ќе добијат соодветни оцени.

Анализите на лектири треба да се најубавите часови. Таму треба учениците да се чувствуаат слободно, да ја засакаат книгата. Тетратките за лектира треба да бидат шарени, податливи и да мамат погледи дури и по години од нивната употреба…

Стопмоушан кратки филмови

Учениците од седмо одделeние за време на зимскиот распуст имаа задача да направат стопмоушан филмови. Проектот беше зададен пред да заврши првото полугодие. Со учениците учевме за анимиран филм и техниката стопмоушан. Беа поделени во групи и изработија шест филмови:

https://youtu.be/RncO41-66_4 Сложувалка

https://youtu.be/C3NApFtmIO8 Глувчиња

https://youtu.be/LskXYg9CLRQ Мечиња

https://youtu.be/K4EFELZq_U4 Во шумата

https://youtu.be/bP7v2GhhFVU Низ град

https://youtu.be/-CwSfw5BCZI Топчиња