
Оваа година, иако се одлучи да се оди со старата програма за седмо одделение, сепак беа додадени содржини од Медиумска писменост. Една од тие содржини е и „Социјалните медиуми и сликата за телото“. Навистина интересна тема и многу значајна, особено за учениците од пониските одделенија. Размислував како да ја реализирам целта на оваа содржина: влијанието на социјалните медиуми врз нас, и веднаш се досетив на еден прекрасен расказ од книгата „Расположенијата на Хиполит Колбас“ од Роксана Јендежејевска – Врубел во издание на „Бегемот.“ Тоа е првиот текст на изданието кој се вика „Не е сè изгубено“. Во него Хиполит е куче од видот јазовичари и има потешкотии со неговата претстава на социјалната мрежа „Куќарка“ којашто е пандан на Фејзбук, но можеби уште подобро на Инстаграм. Хиполит понесен од тоа што исчистил и зготвил вкусно јадење, се фотографира и тоа го објавува, но веднаш по објавата се загледува низ профилите на другите кучиња и гледа: освоени награди, патувања, фотографии крај базени… и се чувствува лошо. Ја брише фотографијата и се обвинува себеси како можел да си дозволи да става таква фотографија… Приказната добива уште повеќе можност за дискусија кога доаѓа неговиот пријател, мачката Среќко, кој има сосем различни гледања за социјалниот медиум.
Овој прекрасен текст прави одличен вовед во содржината којашто треба да се реализира. Ликот на Хиполит треба да ги научи учениците за лошото влијание на социјалните мрежи. За лажната слика која пред сè сами си ја создаваме и за несвесноста дека тоа што го гледаме нема никаква врска со реалноста.


Потоа со учениците се прави експеримент: работат во парови, секој ученик е фотографиран неколку пати. Избира која фотографија сака да ја стави како профилна на Инстаграм, но дава и образложение зошто. Доброволно се отвора профил на некој ученик или на некоја позната личност и се разгледува. Се дискутира што се објавува најмногу и како изгледаат личностите чии профили се разгледуваат.
На учениците им покажувам фотографии кои се направени со дополнителни ефекти или монтажи:







Исто така се разгледуваат фотографии на кои се познати личности со шминка и без шминка. Се дискутираат разликите. Се дава до знаење колку многу може да промени шминката и колку филтрите на сите паметни телефони ја менуваат реалноста. Може да се демонстрира на некој од мобилните телефини како лесно со инсталирање на некои апликации или користење на филтри може целосно да се промени ликот.




Особено е значајно да се работи на самодовербата на учениците, бидејќи гледајќи „совршенства“ на социјалните медиуми, а не знаејќи дека тоа не е реално, не може да се остане рамнодушен.
Се дискутира за фокусот на телото, на телото како модел и статусен симбол на социјалните медиуми, на „културата на изложување на телото“ која често е причина и за нарушувања на психичкото здравје на децата во период на пубертет. За нивната склоност кон имитација и идентификација, особено во пубертетот за нивната преокупираност со „себе“ и со „сликата за себе“, како форсирањето на телото на медиумите остава посебен печат врз нивниот развој.
Се гледаат и видеата:
и потоа се коментира за содржините. За стереотипите за женското тело и за предизвиците со кои се носиме додека растиме.















