Поетско читање – Ден на мајчиниот јазик

Ако разговараш со некој на јазик што го знае, ќе допреш до неговиот ум. Ако зборуваш со некој на неговиот јазик, ќе допреш до неговото срце. -Нелсон Мандела-

Мајчиниот јазик е јазикот кој си го научил прв, јазикот на кој наједноставно се изразуваш, јазикот на кој што зборуваш кога си полн со емоции…

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик почнува да се празнува во 1999 година. Мотивацијата за тоа прославување е немилиот настан во Бангладеж во кој многу луѓе ги изгубиле своите животи борејќи се за својот мајчин јазик.

Славењето на Денот на мајчиниот јазик би требало да нè потсети за грижата за својот јазик, но и да ни укаже за присуството на други јазици и на нашата должност тие да ги почитуваме и да ја промовираме лингвистичката разновидност и повеќејазичност низ светот.

Поради важноста на овој ден и љубовта кон јазиците што се зборуваат во нашата земја Македонија, направивме литературно читање на кое учествуваа десет ученици од различни училишта низ земјава и надвор од неа.

 Име и презимементоручилиштепеснајазик
 Павла РадосавлјевиќСтеван Дидула Јовановиќ„Десанка Максимовиќ“ – Зајечар, Република Србија„Благодарам на сонцето, на земјата, на тревата – Стеван РачовиќСрпски јазик
 Онур ХусениБурчу Али„Мариф“ – ГостиварТиесет и петгодишна песнаТурски јазик
   Магдалена Радева    Стојна Живиќ    ООУ „Круме Кепески“ – Скопје  „Гуска“ Луо Пин ВангКинески јазик
 Дукаѓин ЈашариФросина ДодевскаООУ ,,Наим Фрашери” Куманово„Мама“ – Алекс Ставри Дренова – АсдрениАлбански јазик
 Ивана Колчакоска оддНадица НанеООУ „Никола Карев” – Крушево“Нашето знаме” – “Flambura a noastra”Влашки јазик
 Марија ЈовескаЈулијана Талеска„Ѓорче Петров“ – Прилеп„Дожд“ – Блаже КонескиМакедонски јазик
 Салија ШабанАна КостадиновскаСУГС „Шаип Јусуф“ – СкопјеDUR TUTAR (превод: ДАЛЕКУ ОД ТЕБЕ) – од Ибраим ЏемаилРомски јазик
 Михаела ПурдескаЈулијана ТалескаООУ „Климент Охридски“ – Прилеп„Девојче“ – Ненад ЏамбазовМакедонски јазик
 Сумеја ЏеладинАна КостадиновскаСУГС „Шаип Јусуф“ – СкопјеHAJDE AMALA TE OVA (превод: АЈДЕ ДА БИДЕМЕ ДРУГАРИ) – од Азис СелимРомски јазик
 Насир ЗимбериМејрем Кадриу„Панче Караѓозов“ – СкопјеИсмаил КадареАлбански јазик
Учесниците на настанот

Беше вистинско богатство да се чујат сите овие прекрасни јазици на кои се зборува во Македонија. Учениците беа моитивирани и спремни да кажат и некој збор за авторот и на тие што не го разбираме јазикот на кој рецитираат ни кажуваа што се пее во песната. Иако, емоциите беа доволни да се почувствуав убавината на изборот што го направиле.

Овој настан беше збогатен и со учеството на поетот Филип Димкоски, кој беше водител на настанот. Филип започна со прекрасната песна „Македонскиот јазик“ од Гане Тодоровски.

Филип Димкоски (1995) е македонски поет, новинар и преведувач.

Автор е на книгите: „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“, „Во градината има само љубов“, „И каменот има душа“ и „Овошје и зеленчук“

Долгогодишен соработник е со додатокот за деца „Колибри“ и со најстариот дневен весник во Македонија, „Нова Македонија“. Преведува од хрватски, српски, бугарски и руски на македонски јазик.  Препеал над 300 песни, две стихозбирки, еден драмски текст и еден роман.

 Добитник е на наградите „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво, „Сима Цуциќ“ на Банатскиот културен центар. Добитник е и на престижната третономвриска награда што ја доделува Град Прилеп за афирмација на македонскиот јазик и образованието.

По професија е дипломиран земјоделски инженер. Живее, пишува и ја одгледува својата градина во родниот град Прилеп.

Да го негуваме нашиот јазик со тоа што ќе го научиме!

Сакајќи си го својот јазик, ќе ги сакаме и почитуваме и другите јазици.

СЕКОЈ ЈАЗИК Е НЕЧИЈ МАЈЧИН ЈАЗИК!

За тие што сакаа, а не можеа или подоцна дознаа, еве врска од настанот. Уживајте!

МИО Проект: „Девојчето и дванаесетте месеци“

Проектот „Девојчето и дванаесетте месеци“ ми беше во главата уште кога се одржа промоцијата на е-книгата „Балкански детски приказни“, којашто претставува уникатна аудио-содржина од приказни за деца и млади на македонски, турски и на албански јазик.
Аудио приказните од Македонија, Турцијa и Албанија за деца и млади (BALKAN CHILDERN STORIЕS E-BOOK) имаат за цел да ги доближат културните разлики на децата од овој Регион.

Благодарение на ентузијазмот на Ѕвонко Димоски, денес имаме прекрасен ресурс кој може да се користи во наставата. Тоа и го направивме, но ги искористивме сите три јазика 😊

Три училишта беа дел од активностите: ООУ „Наим Фрашери“ – Куманово, ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, „Кирил и Методиј“ – Канатларци. Две наставнички по македонски јазик и двајца наставници по ликовно образование.

Активностите се реализираа на часовите по македонски јазик и ликовно образование во предметна настава.

Учениците најпрвин ја слушнаа приказната https://soundcloud.com/multimedia-press/balkanski-detski-prikazni-na-makedonski-albanski-i-turski-azik?fbclid=IwAR2lE505ry1v0SKwHNH_j88wwlc5AwSgXrvkt3wpOyMcWFMQC3VDkUT-DzY , секој на својот јазик и потоа правеа нејзина анализа.

Со техниката Т-табела правеа споредба на двете девојчиња. Правеа табела со имињата на месеците на македонски, турски и албански, вклучително и народните имиња за месеците. Изработија ѕвезда на приказната… Играа игри: точка-икс, во туѓ чевел и сл.

На часовите по ликовно образование цртаа илустрации мотивирани од приказната.

Дел од нив споделија и свои омилени приказни, па ги споредуваа со оваа, илустрирајќи го својот омилен лик.

Во врската погоре објавени се фотографии и цртежи од активностите.

Ораторска вечер посветена на Конески

Заврши долгоподготвуваниот настан по повод нашиот Патрон празник. Среќна сум што го реализиравме онака како што го замисливме. Благодарна сум на моите колеги кои го поддржаа, но особено сум благодарна на менторите кои вложија многу труд.

Главната цел на овој настан беше меѓуетничката соработка, можноста да чуеме ученици од различни училишта, градови, држави. Да започне, да се продлабочи и да се зацврсти соработката на колегите и училиштата. За тоа многу се радувам!!!

Дел од учесниците

Симболичкото доделување награди е само јакнење на натпреварувачкиот дух, самата активност да добие малку поинтересна нота. Тоа не значи дека другите ученици се помалку значајни или не ја постигнале целата.

Ние на настанот чествуваме Патрон и одележувавме 100 години од раѓањето на Конески. Сакавме да прикажеме соработка и соживот.

Оваа манифестација е третиот по ред, нашето училиште ООУ „Климент Охридски“ годинава ја одржа на платформата Зум. Овој настан е поддржан од здружението „Мировна Акција“ – Прилеп/Тетово. Организацијата е поддржувач на процесот на интегрирано образование во училиштата и со нас, но и со дел од училиштата учесници има направено низа проекти и активности во кои се вклучени и едукации на наставници во полето на меѓуетничката интеграција.

               На настанот учествуваа 10 училишта. Се говореше на: македонски јазик, албански јазик, турски јазик, бошњачки јазик и српски јазик. Видеата беа снимани од страна на нивните ментори. Говорите беа преведувани со титла на македонски јазик.

Настанот го отвори директорот на училиштето, господинот Ахил Јаков, и ги поздрави сите учесници.

Ученици од ООУ „Блаже Конески“ и ООУ „Климент Охридски“ се претставија со музички точки предводени од своите менторки: Маја Џопа и Андријана Дукоска.

Ученците од ликовната секција под менторство на наставничката Александра Богоеска беа инспирирани од говорите и насликаа прекрасни цртежи.

Тричлената комисија: Филип Димкоски [(поет, новинар), Магдалена Сајкова (наставничка по македонски јазик „Стив Наумов“ – Битола) и Сања Зеленкиќ (наставничка по српски јазик, „Здравко Гложански“, Бечај, Р. Србија)] имаше тешка задача.

Комисија (состанок)

Првото место го освои ООУ „Десанка Максимовиќ“- Зајечар, Р. Србија, ментор: Стева Јовановиќ, оратор: Петар Радосављевиќ

Второто место го делеа две училишта:

ООУ „Наим Фрашери“ – Куманово, ментор: Вилдане Исмани, оратор: Енес Зеќири  и

ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп, ментор: Билјана Јагуриноска, оратор: Евгенија Димитриоска

Третото место го освои ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп. Ментор: Јагода Волческа, оратор: Исидора Николоска 

Првонаградените

Целата манифестација може да се проследи на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=qcqyK6OFZUw

Второ место на конкурсот за училиштен проект на ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Тимот од три наставнички: Фросина Аврамоска и Каролина Јовеска, наставнички по Историја и Јулијана Талеска, наставничка по Македонски јазик, заедно со учениците: Марија Јовеска, Лаура Кајџаноска – VII одделение
Александар Велјаноски – VIII одделение; Исидора Котеска, Михаил Алексоски, Ангела Илиеска – IX одделение го освоија II МЕСТО со училиштниот проект: краткометражен филм: „Љубовта што преживеа“

Проектот беше дел од конкурсот на ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА „Холокаустот низ призмата на детските очи“ учебна 2020/21
Во категоријата: Дигитална содржина тема: „Приказна за спасени Евреи во холокаустот“

„Љубовта што преживеа“
Сцени од снимањето…

Документарниот филм беше мотивиран од животната приказна на Бено и Роза, македонски Евреи од Битола. Тој е комбинација од снимки од Могилата на непобедените и стоп моушан техника со цртежи нацртани од учениците.

Мио активност со Сунаи Сабриоски. Учиме за новинарска статија

IX-1

На часовите по македонски јазик во вторникот и средата имавме драг гостин. Новинарот Сунаи Сабриоски. Причината за неговата посета беше наставната единица НОВИНАРСКА СТАТИЈА. Сабриоски е познат македонски новинар кој има зад себе оставено многу колумни, статии, истражувања и прилози. Исто така тој е добитник и на награди кои го потврдуваат квалитетот на неговата работа.

IX-2

               Нескромно ќе се пофалам дека Сунаи е мој драг пријател кој со еден збор се согласи да учествува во часовите. Тој многу професионално, избалансирано според возраста на децата, им објасни од што се состои новинарската статија и како може таа да се напише. Исто така во прилог ни ја остави неговата наградувана новинарска статија „Децата жртви на родителите и институциите: Прекинато образование заради стапување во брак“ низ која што учениците практично ги согледаа карактеристиките на новинарската статија.

IX-1

               Учениците имаа можност да видат и инспиративни видеа, дел од работата на Сунаи, а имаа и простор да постават прашања. Научија нешто повеќе и за новинарството, но и за самиот Сунаи.

Повикувањето на професионалец да зборува за одредена тема која што е негов фокус е полн погодок. Тоа ја разбива секојдневната динамика и ги активира учениците.

IX-4

               Исто така, особено важно за мене беше тоа што присуството на Сунаи неосетно разбиваше стереотипи за ромската заедница.

Токму со овие ученици на неколку наврати имам дискутирано низ наставниот процес на теми кои ја вклучуваат етничката заедница Роми. Застрашувачки е фактот дека таа етничка заедница од перспектива на ученикот Македонец, или можеби попрецизно, во случајов, прилепчанец, е сосем маргинализирана. Тоа се некои луѓе кои се некаде таму, сиромашни, прости… и низа други етикети кои функционирале низ годините… на само 10 минути од нашето училиште е населбата „Тризла“, училиштето „Добре Јованоски“, тие луѓе се многу блиску до нас, ама ние не сакаме да ги видиме. Голем дел од нив завршуваат средни училишта, факултети и се дел од оптествените текови. Но тоа некако не се гледа, се провлекува невидено. Токму поради ова сакав и се радував на гостувањето на Сунаи.

IX-3

Мио-активностите редовно се фокусирани со албанската заедница, што не е воопшто за критика. Потребно е за соживот и за запознавање, но ние во Прилеп треба да работиме на соживот со ромската заедница, таму треба да ни се фокусирани мио-активностите. Несправедливо долго оваа заедница е пресирана, стигматизирана и омаловажувана. Новите генерации само ги повторуваат фразите од своите дома, од она што го слушаат во опкружувањето… тоа мора да прекине… Локалната самоуправа треба да финиансира проекти во кои ќе се вклучуваат општинските училишта заедно со „Добре Јованоски“, ќе им се даде можност на учениците да се запознаат, да комуницираат… треба многу да се стори на овој план…

Urime 22 Nëntori – Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe

Колаж од букви од албанската азбука

Претходната недела со учениците од седмо и деветто одделение одлучивме на креативен начин да го честитаме Денот на албанската азбука. Имено, учениците нацртаа, обоија и испечатија букви од албанската азбука. Се сликаа и ученичката Илина Радеска од фотографиите направи колаж. Колажот е честитка со која сакаме да им го честитаме празникот на сите наши пријатели чијшто албански јазик е мајчин јазик. А исто така и на нашите МИО-пријатели од основното училиште „Наим Фрашери“ од Куманово.

На час по Македонски јазик…

Искрените детски срца подадоа рака и покажаа дека се зрели за соживот дури и од дупло повозрасните од нив. Мене, како наставничка и како човек кој го почитува мултикултурализмот, оваа ученичка поддршка ме направи многу среќна.

Во разговор со учениците заклучивме дека е важно да се почитуваат луѓето, особено оние со кои делиш многу работи, а мислиш дека се многу различни.

На час по Македонски јазик…

Разговравме дека како што ние го имаме 5 Мај, така и Албанците го имаат 22 Ноември, и сите други јазици си ја слават азбуката, кодификацијата, правописот… и дека празникот е радост која што треба да се честита, да се сподели.

Треба на другиот да му се покаже почит и признание, така го обврзуваш и тој да се однесува така.

МИО активностите – доброволните и искрените, многу помагаат кај идните граѓани на нашето општество да се развие свесност за почит кон различностите. Она што треба сите ние, а особено младите, да научиме е да не се чувствуваме загрозени во присуството на другиот. А тоа ќе го имаме само кога ќе сме сигурни во себе. Во она што сме и она што го претставуваме. За сите има место под сонцето!

Нека е честит денот!

Urime!