МИО – работилница „Градиме мостови“

2015-09-11 09.58.43

Учениците од VI – 1 одделение успешно ја сработија работилницата: „Градиме мостови“. Од работилницата тие потврдија дека дружењето не познава граници, ниту верски ниту национални. Во дискусијата која се водеше по активноста се споделија другарувања на учениците со деца од другите националности.

Активноста беше мотивирана од расказот „Мостови“ кој претходно беше сработен на часовите. Во него две момчиња копнеат да изградат мост за да можат да се дружат заедно кога ќе надојде реката која што ги разделува. Оваа идеја во преносна смисла се пренесе на работилницата:

Учениците добија текст во кој се опишани пет деца од различни националности: Армин, Ферзија, Осман, Јелена и Калина. Секоја група претставува едно од тие деца. Задачата е да ги напишат карактеристиките на детето што го претставуваат и да ги споредат со останатите четири. Што имаат слично, а што различно со нив. Потоа да ги претстават петте деца во некоја заедничка активност низ цртеж.

Учениците во групата се организираа многу добро. Секој доби задача на која што паралелно работеше. Едни бараат сличности, други разлики, а трети цртаат. Потоа сработеното се презентира и се отвори дискусија.

This slideshow requires JavaScript.

Интернет акција за поддршка на лицата со даунов синдром

Presentation1Вчера беше прекрасен ден. Сончев, топол… многу погоден за тоа што го претставуваше и тоа што моите драги ученици го намислија да го остварат. Имено, знаеме сите дека 21 Март е ден на пролетта, но и Светски ден на лицата со даунов синдром. По тој повод, произлезе иницијатива, односно On-line акција за поддршка на тие лица. Решивме да ги сликаме нашите различни чорапчиња и да ги ставиме на профилната слика на фејсбук. Така покажуваме дека знаеме дека тие лица постојат и дека сакаме да се дел од нас. Спремни сме да ги поддржиме и да се дружиме со нив во нашите училници, во парковите, по играчниците, на улиците. Continue reading

КРАТОК ФИЛМ НА ДРАМСКАТА СЕКЦИЈА – „СИТЕ ДЕТСКИ ПАТЕКИ ВОДАТ ОД ИГРА ДО СЛОБОДА“

Овој краток филм е дело на Драмската секција од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп. Со него учествуваме на Единаесеттиот меѓународен детски фестивал „Креативна магија“.
(11.DEČJI MEĐUNARODNI FESTIVAL „KREATIVNA ČAROLIJA“ Mionica-Banja Vrujci) кој ќе се одржи на 17-18 април, 2015.

Филмот беше мотивиран од конкурсот на тема „Сите детски патеки водат од игра до слобода“. На сценариото работеше целата секција. Идеите доаѓаа брзо и целото снимање беше една прекрасна авантура. Дел од овој проект е и ученикот Горан Попоски, кој со својата камера и умешност, направи овие идеи да станат реалност. Со кадрите сакавме да го оправдаме насловот. Секоја детска игра е симбол на слободата. Штом играме, ние сме слободни!!!

Еве дел од моментите на снимањето:

This slideshow requires JavaScript.

 

 

 

 

ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГИТЕ – НЕДИСКРИМИНАЦИЈА???

This slideshow requires JavaScript.

Денес, на часот на одделенската заедница имавме работилница „Не ни требаат баби“. Интересна замисла, текст во кој настваничката дискриминира една баба која што (најверојатно) може да дојде на планираното планинарење. Остај што не верува во нејзините физички способности, таа ја кани на часот за готвење. Значи наставничката е сигурна дека сите баби се стари и тешко подвижни, ама знаат многу добро да готват. Е, нејсе, тоа беше главната активност на работилницата, ама проблемот што добив горешта желба да пишувам, е почетната активност. Во неа учениците требаше да одговорат на изјавите што ги читав со кревање на палецот нагоре (ако се согласуваат со изјавата), спуштање надолу (ако не се согласуваат) и хоризонтално поставен (ако не се сосем сигурни). И што да ви расправам… страшилиште… Албанците имаат многу деца, „ДА!!!“ а кутри мои дечиња, воопшто не запознале некое албанско семејство. Ромите се музикални, „ДА!!!“ А чуле можеби на телевизија во некој филм од Костурица… девојчињата се послаби, момчињата појаки… и ред други стереотипизации… сите „НА МЕСТО“!!! И така стојам и си мислам, добро зошто овие мали и невини суштества уште отсега се жртви на стереотипизации… КАДЕ ПОГРЕШИВМЕ???

Ситуацијата стана полоша кога се обидов со примери да ги демантирам. Па видов многу збунети главички кои се чудеа на моите искази за тоа дека Ардијан и Фланза немаат деца, за Мирјета која има едно, за Агуш кој не знае да пее, за Ферзија која мрази музика… за тоа дека ние, Македонците не сме ништо различни од Србите, Бугарите, Албанците, Ромите… дека нашата истрајност е подеднакво иста со истрајноста на другите националности… и ете така… работилницата заврши… а јас останав позбунета од тие дваесет и три главички…

ДРАГИ МОИ РОДИТЕЛИ, НАСТАВНИЦИ, ТРЕБА МНОГУ ДА СЕ РАБОТИ НА ОВА… ЕДЕН ДЕН ИГНОРИРАЊЕТО ИЛИ ПОТХРАНУВАЊЕТО НА ОВА ЛУДИЛО ЌЕ НЕ` ЧИНИ МНОГУ…

не ни требаат баби-дневна