
Моето присуство на денешната дебата беше многу пријатно и охрабрувачко. Имено ова е втората по ред јавна дебата: „Промени и предизвици во спроведување на инклузивно образование“ – во рамките на проектот: „Инклузија на деца со ПОП“. Реализирана од здружението „Отворете ги прозорците“. Во неа учествуваа наставници, стручни соработници, специјални едукатори и рехабилитатори од три општини: Прилеп, Велес и Битола. Сите имавме можност да кажеме по нешто за инклузијата во нашите училишта, за предизвиците и за она што се има постигнато откако овој проект тече. (проектот е во својата втора година, останува уште една година). Присутните колеги зборуваа искрено за сите потешкотии со кои се соочуваат, но и за позитивните примери во наставнот процес.
На завршниот дел од дебатата беа доделени признанија за најуспешните инклузивни практики на ниво на:
• локална самоуправа – добитник е општина Битола;
• проектно училиште – добитник е училиштето Васил Главинов од Велес;
• одделение – добитник е II – а одделение, на наставничката Емилија Николовска Спировски, од основното училиште „Елпида Караманди“ од Битола.
• и наставник, односно наставничка – која што ја добив јас. Чувството беше многу убаво бидејќи го поделив заедно со моите колешки – соборци во спроведувањето на образовната инклузија.
Ова признание ми значи многу бидејќи инклузивното образование е процес кој во рамките на образовниот систем се бори да опстои години наназад. Барем се сеќавам уште од моето прво вработување…



Се сеќавам дека еден од моите први часови беше во одделение во кое на првата клупа во средната редица седеше момче со даунов синдром. Неговото тивко и кротко присуство го забележав неколку минути по моето претставување. Иако неговото присуство не претставуваше никаква закана за мене, јас се плашев. Поточно не се плашев од него, туку се плашев што ќе правам со него…
Она што следно го направив беше разговор со одделенскиот раководител која ме упати кон стручниот соработник, тогашната наша драга колешка Светлана Миоковиќ-Томеска на која ѝ должам многу за ова признание. Разговорот со неа, насоките, запознавањето со родителите и редовната комуникација со неговиот асистент (иако тогаш немаше асистенти, тоа беше психолог која работеше приватно во неговиот дом, по иницијатива на родителите) ме охрабрија и ми го победија стравот. Јас тогаш бев на замена, останав неколку месеци, но таа прва средба и искуството од неа ми ги дадоа вистинските насоки како да се плива во процесот кој е голем предизвик за сите. Денес ова момче има завршено економски факултет… затоа денешниот современ наставник треба да се избори од стравот, да бара поддршка и да најде начини да биде поддршка за сите новонастанати ситуации во училница.
Тоа што го добив ова признание е заслуга и на моите колешки од Центарот за поддршка, кои во секое време ми помагаат со совети, па дури и во приватни режии, излегувањето на кафе ни се сведува во евалуација. Тие, заедно со стручната служба, се стожерите на вистинската инклузија и треба почесто да бидат прашувани. Тие се мојата сигурност дека каква пречка и да дојде, заедно ќе ја преминеме.
Тука сакам да ги охрабрам моите колеги да укажуваат на недостатоците на процесот, да бидат активни чинители. Да зборуваат отворено за недостатоците и да даваат предлози како работите да бидат подобри.
Сакам да го поздравам оформувањето на Инкузивното тело кое е иницијатива на проектов. Тоа функционира во рамките на Општината и е потенцијал кој може да донесе многу добри работи за процесот. Посакувам да не биде само на хартија, да функционира вистински и да одржува средби со сите дефектолози и асистенти, наставници и ученици.
Сметам дека Прилеп треба да има Ресурсен центар. Дека пет центри не се доволни на ниво на Македонија.


Потребна е стратегија која ќе има еден модел заснован на слобода. На наставниците, на центрите за поддршка, ресурсните центри, асистентите, им треба слобода. Секое дете е индивидуа со различни потреби кои изискуваат посебен пристап. Еден модел не може да функционира на сите. Предизвиците се големи, и како што сè е тргнато кон пропаст лесно е и логично човек да се откаже. Но наставничката професија е полна противречности. Таа е благородна професија која те обврзува да бидеш тука и да помагаш, да расниш, да градиш, да поучуваш. Ние најдобро можеме да упропастиме едно општество или да го изградиме и измениме. Нашето влијание е големо и затоа треба да се трудиме да сензибилизираме, да наоѓаме начин да помагаме и да љубиме, да создаваме средина во која дечињата со посебни потреби ќе се чувствуваат сигурно и сакано!
























Денес, 6.5.2019 проектот „И ние сме тука“ продолжи со уште една активност. Оваа активност е реализирана од асоцијацијата „Ластовица“, во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ – реализирана од Институтот за медиуми и различности (МДИ) во партнерство со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ)
